БиХ ги одобри преговорите за изградба на два гасоводи за испорака на гас од Русија и Азербејџан

Илустрација

Советот на министри на Босна и Херцеговина на 11 мај ги одобри преговорите за изградба на два нови гасоводи за снабдување со гас од Русија и Азербејџан преку Србија и Хрватска. Преговорите треба да ја опфатат евентуалната изградба на гасоводот Нова источна интерконекција, што би овозможило купување на гас од Русија што би се испорачувал преку Србија.

Според претходните најави, руски Гаспром се очекува да учествува според договорот потпишан во 2021 година од српското јавно претпријатие „Србијагас и Гас-Рес“, компанија во сопственост на босанскиот ентитет Република Српска. Трошоците за изградба се проценуваат на 250 милиони евра и се очекува Гаспром да го финансира проектот.

Владата на Република Српска и Гас-Рес не одговори на прашањето на РСЕ за тоа колку пари има намера да потроши за изградбата на гасоводот.

Видете и ова: Србија ќе ни дава гас, а ние на нив струја

Останува нејасно и прашањето како ќе се регулира сопственоста на гасоводот.
Во 2019 година, Република Српска го прогласи гасоводот за „национален проект од стратешко значење“. Увезениот гас преку него би бил исклучиво за потрошувачите во Република Српска.

Вториот планиран гасовод за кој ќе се преговара е Јужната интерконекција. Тој би ја минувал Хрватска и би испорачувал гас од Азербејџан до Босна и Херцеговина.

Изградбата на јужната интерконекција е поддржана од Соединетите Американски Држави и од Европската Унија како проект со кој би се намалила зависноста на Босна од рускиот гас од кој Босна во моментов е целосно зависна. Проценетата цена на планираниот гасовод долг 180 километри е околу 100 милиони евра, а плановите предвидуваат тој да се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Борјана Кристо, претседателка на Советот на министри, рече дека двата проекти се поддржани со консензус меѓу членовите на советот. Таа рече дека проектите имаат за цел да „обезбедат повеќе извори на снабдување со природен гас за доброто на сите жители на Босна“.

Назначена е комисија за преговори на Источната интерконекција, додека за јужната интерконекција од босанската федерација се бара итно да се донесе закон за тој гасовод, за да може и да се избере комисија.

Босна и Херцеговина е обврзана да го усвои законот според договорите што ги потпиша со Европската енергетска заедница. Отсуството на ова законодавство е една од причините зошто Босна е назначена за санкции од Европската енергетска заедница од крајот на 2020 година.