Поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милеска е ослободена од обвинение за предметот познат во јавноста како „Тендери“, бидејќи, според Судот, обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека обвинетите го сториле делото. Во овој предмет таа беше обвинета од поранешното Специјално обвинителство за злоупотреба на функцијата при изградбата на Скопје 2014.
Според обвинението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип, а Канческа - Милевска наложила Бетон да продолжи со работата на партерното уредување пред да се објави тендерот.
За истото дело беа обвинети и Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова Цветковска, членови на комисијата за јавни набавки, кои заедно со поранешната министерка беа ослободени од обвинението.
Канческа Милевска на рочиштето на изнесувањето на завршните зборови изјави дека врз основа на целокупниот доказен материјал се докажало дека не го сторила кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Не се докажа дека се точни наводите на обвинението дека е сторена повреда на службената положба и овластување, напротив, се докажа дека јавната набавка е однапред планирана и истата е предвидена во годишниот план за јавни набавки за 2011 година во Министерството за култура“, рече Канческа Милевска.
Процесот го водеше судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението беше јавниот обвинител Стевчо Дончев кој најави жалба до Апелација. Овој предмет е во судска процедура речиси шест години, и неколку пати до сега почнуваше од почеток.
Видете и ова: Од 94 обвинети од СЈО, зад решетки се Мијалков, Јанкулоска и ТалескиКанческа Милеска во јануари 2019 година беше една од осумте пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставните измени со кои се промени името на државата во Република Северна Македонија за целосна употреба.
Неколку месеци подоцна во 2019 година Обвинителството ја отфрли кривичната пријава против неа од страна на Финансиската полиција за несовесно работење во службата од 2009 до 2017 година.
Според таа кривична пријава тројца пријавени, во својство на министер за култура, заменик-министер за култура и раководител на сектор за финансиски прашања во Министерството за култура, во периодот од јули 2009 година до февруари 2017 година, со пропуштање должен надзор, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности.