Кина од понеделник ќе испрати специјален прeтставник во Украина, Русија и во другите европски земји, соопшти денеска официјален Пекинг. Тоа ќе биде највисокиот кинески дипломат што ќе ја посети Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Пекинг во последните месеци се обидува да се позиционира како посредник со водечка улога во решавањето на светските кризи и тоа од Украина до Блискиот Исток. Но, додека Кина вели дека е неутрална страна во војната во Украина, таа е критикувана затоа што одбива да ја осуди Москва за инвазијата.
По повеќе од една година од почетокот на војната, кинескиот претседател Си Џинпинг телефонски разговараше со неговиот украински колега Володимир Зеленски минатиот месец.
Пекинг тогаш најави дека Ли Хуи, кинескиот амбасадор во Русија од 2009 до 2019 година, ќе ја предводи кинеската делегација во Украина.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, на редовната прес-конференција, денеска рече дека целта на посетата на Ли на Украина, Полска, Франција, Германија и Русија е „да комуницира со сите страни за политичкото решавање на украинската криза“.
Турнејата на Ли ја покажува „посветеноста на Кина за промовирање мир и разговори“, изјави Ванг.
„Кина е подготвена да продолжи да игра конструктивна улога во градењето поширок меѓународен консензус за прекин на огнот, прекин на војната, отворање мировни разговори и избегнување на ескалација на состојбата“, додаде тој.
Видете и ова: Нови санкции на ЕУ кон Русија – Од кинески компании до РТ БалканКинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг, кој во моментов е во Норвешка, за посетата на Ли изјави дека Кина се залага за мир и за политичко решение од првиот ден на избувнувањето конфликтот.
Сепак, изборот на Ли за специјален пратеник на кинеската влада за евроазиски прашања е изненадувачки. Кратко пред да ја напушти амбасадорската позиција во Москва, рускиот претседател Владимир Путин го одликува Ли со Орден на пријателството.
Телефонскиот разговор на Си Џинпинг со Зеленски, кој според украинскиот претседател бил „долг и значаен“, уследи по објавувањето на кинескиот план од 12 точки за Украина во февруари годинава, и кој повикува на дијалог и почитување на територијалниот суверенитет на сите земји.
Планот беше критикува од западните земји поради нејасните формулации, иако Зеленски рече дека ќе биде отворен за разговори со Си. Првата точка од планот предвидува дека „суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на сите земји мора ефективно да се поддржуваат“. Но, Кина постојано одбива да објасни како тоа се поврзува со спецификите на војната во Украина.