Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, на 12 мај во Белград ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Како што претходно беше најавено во Брисел, Лајчак, кој беше во Приштина на 11 мај, доаѓа во Србија за да го следи спроведувањето на договореното во Брисел и да ги подготви следните чекори и состаноци.
Лајчак во Приштина најави дека во понеделник во Брисел ќе има средба меѓу шефовите на косовскиот и српскиот преговарачки тим Бесник Бислими и Петар Петковиќ.
„Го имаме договорот, го имаме Анексот, треба да ги разјасниме следните чекори, чекор прв, чекор два, чекор три“, рече Лајчак.
На прашањето како гледа решение за формирање Заедница на општини со српско мнозинство кога двете страни имаат целосно спротивставени ставови за тоа како треба да изгледа, Лајчак рече дека „би било наивно да се има заеднички став од самиот почеток“.
„Сега треба да седнеме и да почнеме да работиме, да се договориме, да ги приближиме позициите на едниот и на другиот. Се разбира, заедничка платформа треба да бидат претходните договори и европските модели. Каде што има волја, таму е начин“, рече Лајчак.
По средбите со косовскиот премиер Албин Курти и Бислими, Лајчак рече дека разговарале за процесот на нормализација на односите и за следните чекори по средбата на лидерите на Косово и Србија на 2 мај во Брисел.
Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференцијата зборуваше за средбата со Лајчак и по тој повод рече дека официјална Приштина е заинтересирана за целосно спроведување на Охридскиот договор.
Тоа е прва посета на Лајчак на Белград и Приштина по средбата меѓу Вучиќ и Курти на 2 мај во Брисел, каде што беше усвоена Декларацијата за исчезнати лица, но не беше постигнат напредок во однос на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.