Политика, матура, офанзива...
СРБИЈА - Српското Обвинителство за организиран криминал соопшти дека се уапсени 13 лица осомничени за меѓународна трговија со дрога. Осомничените биле уапсени на територијата на Белград, Ниш, Лазаревац, Суботица и Зрењанин. Началникот на криминалистичката полиција Нинослав Цмолиќ изјави дека уапсените се сомничат дека се „најголеми трговци со кокаин на Балканот“.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Велика Британија соопшти дека и донира крстосувачки ракети со долг дострел на Украина, со што ја зајакнува способноста на Киев да ги погоди руските трупи зад фронтот, додека се подготвува за долгоочекуваната контраофанзива.
МАКЕДОНИЈА - Државната матура да се одржи во предвидените рокови инсистира Министерството за образование и наука (МОН). Според Календарот за организација на учебната 2022-2023 година во јавните средни училишта, државна матура треба да се одржи на 27 мај и на 10 јуни.
КОСОВО - Специјалниот пратеник за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој денеска беше во посета на Приштина изјави дека имал важни и корисни разговори со косовскиот премиер Албин Курти. Тие разговарале за натамошните чекори за спроведување на Договорот за нормализирање на односите со Србија.
МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски на 11 мај изјави дека приватните патувања на членовите на неговото семејство никогаш не биле на товар на Буџетот на Република Северна Македонија. Тој одговараше на прашањето дали на товар на државата во Соединетите Американски Држави (САД), патувал и неговиот син.
УКРАИНА - Украина ги задржува своите позиции додека не пристигнат уште западни оклопни возила пред да ја започне својата долгоочекувана контраофанзива, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервјуто за британскиот радиодифузер Би - Би – Си, објавено на 11-ти мај.
БУГАРИЈА - Кандидатката за премиер на Бугарија, Марија Габриел на 11 мај ги претстави приоритетите на нејзината евентуална Влада. Таа доаѓа од редовите на ГЕРБ – СДС.
Преставувајќи ја програмата пред својата пратеничка група во Народното собрание, рече дека „првата работа што ќе ја направи министерот за правда во мојата влада е да поднесе барање до Врховниот судски совет (ВСС) за ослободување од должност на главниот обвинител Иван Гешев, поради нарушување на угледот на судството“.
САД - Американскиот конгресменот Џорџ Сантос, републиканец од Њујорк, на 10 мај најави дека ќе се бори против тужбата за измама, перење пари и кражба на јавни средства. Тој се изјасни дека не е виновен за лажење и измама на донатори, кражба на пари од кампањата и лажење на Конгресот дека е милионер, а најави и дека нема да поднесе оставка.