Британија и испорачува на Украина ракети со долг дострел

Британскиот министер за одбрана Бен Валас

Велика Британија соопшти дека и донира крстосувачки ракети со долг дострел на Украина, со што ја зајакнува способноста на Киев да ги погоди руските трупи зад фронтот, додека се подготвува за долгоочекуваната контраофанзива.

„Можам да потврдам дека Обединетото Кралство и донира ракети „ Storm Shadow “ на Украина“, изјави министерот за одбрана Бен Валас пред британските пратеници без да прецизира колку такво оружје се испорачува.

„Употребата на овие ракети ќе и овозможи на Украина да ги потисне руските сили кои се наоѓаат на украинска суверена територија“, додаде тој.

Ракетите Storm Shadow имаат дострел од повеќе од 250 километри, во споредба со ракетите HIMARS испорачани од САД, кои имаат дострел од околу 80 километри.

„Едноставно нема да стоиме настрана додека Русија убива цивили. Русија мора да признае дека само нејзините дејствија доведоа до тоа да ја обезбедуваме Украина со такви системи“, рече министерот.

Британските медиуми објавија дека Киев ветил дека нема да ги користи ракетите за напад на територијата на Русија.

Сепак, овие ракети ѝ даваат можност на Украина да погоди зад руските линии на фронтот и сè до Крим окупиран од Москва.

Видете и ова: Русија ги засили нападите кон Украина


Кремљ се закани со „соодветен одговор“ како реакција на веста. Портпаролот Дмитриј Песков на новинарите на 11 мај им рече дека Русија на најавата гледа „прилично негативно“.

„Тоа ќе бара соодветен одговор од нашата војска која дефинитивно ќе ги донесе одлуките што се бараат во воена смисла“, рече Песков.

Веста дојде кога Украина забележа мала, но значајна победа на бојното поле надвор од разурнатиот град Бахмут, во источниот дел од земјата, наводно нанесувајќи и големи загуби на руската бригада.