Работната група за подготвување на предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот, на денешниот состанок ја заврши расправата за Деловникот за работа, за кој треба да се гласа идниот петок, изјави претседателката на работната група и поранешна судијка Маргарита Цаца - Николовска.
Работната група денеска во Владата го одржа третиот состанок.
Работната група треба да го подготви предлог за уставните измени за внесување на Бугарите, заедно со другите етнички заедници, што пак е услов за отворење на кластерите во процесот на преговори со Европската унија. Групата ја сочинуваат 23 членови од кои десет се од редот на експертите, десет се предлози на политички партии и тројца се членови од институции.
Во однос на изјавите од Влада дека до крајот на мај очекуваат да биде познат текстот на уставните амандмани, Цаца – Николовска повтори дека не би шпекулирала со време.
„Комисијата е составена од 23 членови, секој ќе сака нешто да каже, има право нормално. Сето тоа треба да се разгледува, да се сумира и во зависност од сето тоа ќе оди драфтирање на предлог нацрт амандманите, рече Цаца - Николовска.
Предлагач на уставните измени е Владата, која го задолжи Министерството за правда да ја формира работната група. По изготвувањето предлогот, тој ќе биде доставен до Владата која ќе треба да ја поднесе иницијативата во Собрание.