Работната група за подготвување на предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот попладнево во Владата ја одржува трета седница. Пред средбата, претседателката на работната група и поранешна судијка Маргарита Цаца - Николовска рече дека ќе продолжат да работат на разгледување одредби од Деловникот за работа. Се додека не биде донесен Деловникот, како што изјави, нема да можат да почнат да работат во суштинската материја, заради тоа што од Деловникот произлегуваат многу работи кои што треба да ги имаат во предвид.
Во однос на изјавите од Влада дека до крајот на мај очекуваат оваа предлог-иницијатива да биде доставена до Собранието, Николовска истакна дека не сака да калкулира со време, бидејќи како што посочи, никогаш не се знае кога и како ќе се одвиваат работите. Таа вели дека желба на сите е колку што е возможно побрзо да ги презентираат нацрт одлуките, односно нацрт промените коишто сметаат дека треба да се извршат.
„Сложената тематика треба многу убаво да им се објасни на јавноста, за да се сфати што е фактички проблемот, што е стратешката цел и колку треба да се работи на таа стратешка цел за да можеме да оствариме она што на еден одреден начин сите го посакуваме, а тоа е влез во ЕУ“, рече Николовска.
На новинарско прашање дали изготвените предлог-амандмани ќе бидат доставени на увид на јавноста и на граѓаните, Николовска рече дека нивна обврска е да ги изготвават и оти за понатамошната процедура надлежна е Министерството за правда.
Работната група за подготовка на предлог иницијативата за потребата од уставни измени, за внесување на Бугарите, заедно со другите етнички заедници, што пак е услов за отворење на кластерите во процесот на преговори со Европската Унија, ја сочинуваат 23 членови од кои десет се од редот на експертите, десет се предлози на политички партии и тројца се членови од институции.