Државната матура да се одржи во предвидените рокови инсистира Министерството за образование и наука (МОН). Според Календарот за организација на учебната 2022-2023 година во јавните средни училишта, државна матура треба да се одржи на 27 мај и на 10 јуни.
Одржувањето на тестирањата е доведено во прашање поради штрајкот на Државниот испитен центар, кој штрајкува со недели со барање за повисоки плати. Под надлежност на Центарот се спроведување на државните тестирања, меѓу кои и државната матура.
„Апелираме и до раководството на Државниот испитен центар и до членовите на Државниот матурски одбор целосно да се испочитуваат дефинираните рокови, во интерес на матурантите, чие понатамошно образование или вклучување на пазарот на трудот зависи токму од овој процес, како чин на формализација на средното образование и стекнување диплома“, реагираат од МОН.
Од Министерството велат дека целосно ги разбираат и даваат поддршка на вработените во Државниот испитен центар за надминување на предизвикот со кој се соочуваат.
„Правото на синдикално организирање за остварување одредени права е неспорно, но сепак, тоа не смее да биде на штета на учениците, кои треба да бидат консултирани за каков било нов предлог околу полагањето на државната матура“, наведе Министерството за образование и наука.