Украина ги задржува своите позиции додека не пристигнат уште западни оклопни возила пред да ја започне својата долгоочекувана контраофанзива, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервјуто за британскиот радиодифузер Би - Би – Си, објавено на 11-ти мај.
„Ни треба уште малку време“, рече Зеленски во интервјуто.
Украинските сили веќе добија доволно опрема од западните сојузници, но дел од ветените оклопни возила се уште пристигнуваат. Тој рече дека ако уште малку ги почекаат возилата, ќе значи намалување на жртвите.
„Со [она што го имаме] можеме да одиме напред и да бидеме успешни“, рече тој, додавајќи: „Но, би изгубиле многу луѓе. Мислам дека тоа е неприфатливо“.
Војната во Украина е на пресвртница, а Киев е подготвен да го започне својот нов контранапад по шест месеци држење на своите сили во дефанзива, додека Русија започна огромна зимска офанзива со која не успеа да заземе значителна територија, оценува Ројтерс.
Видете и ова: САД ќе испратат тенкови во Германија за потребите на украинската војскаЗападните сојузници испраќаат стотици тенкови и оклопни возила во Украина за контраофанзива и обучуваат илјадници украински војници во странство.
Главна цел на Москва со месеци е малиот град Бахмут, во источна Украина, кој Русија сепак не успеа да го освои.
Во последните денови Украина бележи успеси на периферијата на градот. И украинската единица и водачот на руската приватна армија, Вагнер, велат дека руската бригада побегнала од своите позиции во вторникот, отстапувајќи дел од позициите југозападно од Бахмут.
Командантот на копнените сили на Украина на 10 мај изјави дека руските сили се повлекле на места на линијата на фронтот за дури два километри.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Руското Министерство за одбрана не ги коментираше извештаите, но портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков призна дека војната била „многу тешка“.
Тој рече дека не се сомнева дека Бахмут „ќе биде окупиран и ќе биде држен под контрола“.
Русија започна инвазија на Украина во февруари 2022 година.