Кандидатката за премиер на Бугарија, Марија Габриел на 11 мај ги претстави приоритетите на нејзината евентуална Влада. Таа доаѓа од редовите на ГЕРБ – СДС.
Преставувајќи ја програмата пред својата пратеничка група во Народното собрание, рече дека „првата работа што ќе ја направи министерот за правда во мојата влада е да поднесе барање до Врховниот судски совет (ВСС) за ослободување од должност на главниот обвинител Иван Гешев, поради нарушување на угледот на судството“.
Габриел, најверојатно мислеше на инцидентот со експлозијата покрај автомобилот на Гешев, за што Обвинителството првично даде спротивставени информации, кои беа демантирани од министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев.
Првата порака, како што рече е, да работат заедно за иднината на Бугарија и за највисокиот кредитен рејтинг - трите А.
Таа објасни дека првото А е амбиција да се создаде силен менаџерски тим, второто А е авторитетот на Бугарија во Европа и третото А е ангажман кон народот.
Таа наведе и 10 приоритети на кои ќе работи евентуалната влада.
Според неа, клучен збор во формирањето на идната влада би бил „дијалог“.
Под број еден би било претставување план за излез од политичката криза и работна влада, нормализирање на работата на институциите. На второ место Габриел посочи на стабилизација на јавните финансии и усвојување на буџетот. Како трет приоритет таа ги издвои реформите во правосудството. Потоа следат - прифаќањето на Бугарија во еврозоната и Шенген зоната.
Меѓу приоритетите се и справувањето со инфлацијата и растот на цените, јасно гарантирање на енергетската безбедност на земјата, надминување на доцнењето на оперативните програми, подобрување на безбедноста на бугарските граѓани, надминување на домашниот криминал, „ војната на патиштата“, справување со миграцијата и модернизирање на војската.
Осмиот приоритет што го посочи Габриел е забрзување на учеството на Бугарија во проекти поврзани со модернизација на земјата - во областа на науката, образованието и културата, во секторите со транзиција на зелена енергија и дигитализација на јавниот сектор.
Надминувањето на регионалните диспаритети преку насочени акции за стимулирање на вештините, според потребите на пазарот на труд, е исто така меѓу приоритетите што ги презентираше Марија Габриел.
Видете и ова: ЕК го осуди обидот за атент врз бугарскиот државен обвинителЗаштитата и подобрувањето на здравјето со ефективна здравствена политика е десеттиот приоритет што го посочи кандидатката за премиер на Бугарија од редовите на ГЕРБ-СДС.
Бугарскиот претседател Румен Радев најави дека на 15 мај ќе го предаде првиот мандат на ГЕРБ-СДС, партијата која освои најмногу гласови на последните избори.
На почетокот на април во Бугарија се одржаа петтите по ред парламентарни избори за две години.
Видете и ова: Петков не сака министри од ГЕРБ во неговата владаБугарија е управувана претежно од привремени влади назначени од претседателот Румен Радев, откако гневот на јавноста поради долгогодишната корупција резултираше во масовни протести во 2020 година по кои падна владата на Бојко Борисов. Оттогаш ниедна партија не може да формира стабилно мнозинство за да владее и се распишуваат предвремени избори.