„Бомби“ и знаменца
МАКЕДОНИЈА - Уставниот суд одлучил да не поведе постапка за оценување на членот 110 од Законот за Јавното обвинителство, кој предвидува дека обвинението не може да биде засновано врз основа на незаконски прислушувани материјали, освен во предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кои се поднесени до надлежните судови заклучно со 30 јуни 2017 година.
Бугарскиот шеф на дипломатијата Иван Кондов најави дека неговата Влада ќе ги информира партнерите во Европската Унија дека на европратеникот Ковачев и уште неколку бугарски државјани на 6 мај не им бил дозволен влез во Северна Македонија.
МАКЕДОНИЈА - Здравствените работници ќе добијат повисоки плати. Владата попладнево донесе одлука со која го овласти министерот за здравство да го потпише анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Северна Македонија, со којшто се врши зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството, почнувајќи со исплатата за плата за март годинава.
ЕУ / МАКЕДОНИЈА - Системот на европско знаменце се користи кога ја усогласувате вашата легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ. Не загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ, изјави денеска евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир во одговор на новинарско прашање.
БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова му ги врачи бугарските лични документи на охриѓанецот Христијан Пендиков. Таа го потпиша указот за стекнување бугарско државјанство врз основа на неговото бугарско потекло.
ЕУ - Европскиот парламент изгласа резолуција за Србија во која се изразува жалење поради фактот што Србија не воведе санкции кон Русија. Со оваа Резолуција Србија се потсетува дека како земја кандидат за членство во Европската унија (ЕУ) мора да се придржува до принципите и политиките на ЕУ.
МАКЕДОНИЈА - Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика и ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за дополнителни 0,25 процентни поени и сега таа е на ниво од 5,75 проценти.
РУСИЈА - Двајца руски војници од Камчатка на Далечниот исток се осудени на по две и пол години затвор затоа што одбиле да се борат во Украина, објави на 10 мај, групата за човекови права ОВД-Инфо.
АВСТРИЈА - Австрија ќе се приклучи на листата на земји кои ја забрануваат популарната апликација за споделување видеа Тик-ток од службените телефони на владините службеници, изјави денеска министерот за внатрешни работи Герхард Карнер.