Бугарскиот шеф на дипломатијата Иван Кондов најави дека неговата Влада ќе ги информира партнерите во Европската Унија дека на европратеникот Ковачев и уште неколку бугарски државјани на 6 мај не им бил дозволен влез во Северна Македонија.
„Неодржлива е тезата дека бугарскиот европратеник Андреј Ковачев може да претставува индиректна штета на други лица кои претставуваат закана за јавниот ред“, е коментарот на бугарскиот министер Иван Кондов. Тој на посебен брифинг со медиумите доцна попладнево ги коментираше последните настани во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија.
„Бугарското Министерство за надворешни работи е во процес на информирање на сите европски партнери за овој невиден чин, кој не се совпаѓа со декларираната намера на Скопје да работи на добрососедски односи и да ги исполни преземените обврски. Наскоро ќе се испраќаат официјални писма до европските институции од Претседателството, Националното собрание и Министерството за надворешни работи“, се вели во соопштението објавено на веб страната на бугарското МНР.
Македонските власти не им дозволија влез на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, претседателот на фондацијата „Бугарска Меморија“ и на други тројца бугарски државјани на македонска територија на 6 мај.
Видете и ова: МВР тврди Ковачев не ги исполнил условите за влез, бугарското МНР реагираНастанот на кој требало да присуствуваат е по повод празникот Ѓурѓовден, што традиционално со години се организирал во Ново Село, Струмица од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат на Бугарија во Битола и Фондацијата „Бугарска меморија“ преку свеченост во Бугарската воени гробишта со панихида.
Според бугарското министерство за надворешни работи во известувањата што на бугарските државјани им ги врачиле македонските гранични власти, било наведено дека тие фигурираат на забранета листа во македонскиот граничен систем.
„Остави впечаток дека образложението на амбасадорот на РСМ во нашата земја и соопштението на МНР во Скопје се во спротивност со официјалните документи што ги предале граничните власти“, изјавил Кондов.
Македонската амбасадорка во Софија Агнеса Поповска вчера беше повикана од Министерот Кондов на разговор.
Видете и ова: МНР до Ковачев: Секој европратеник кој го почитува достоинството на граѓаните е добредојден во Северна МакедонијаМакедонското МНР, пак, во врска со овој случај соопшти дека на 6 мај, на граничниот премин Ново Село, „поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија, согласно законот за странци, не било дозволен влез на група од петмина државјани на Република Бугарија“.
„Дополнително би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал. Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија“, стои во сопштението од македонското МНР објавено на 7 мај.
За ова била отворена и дебата во Европскиот парламент каде што претседателката Роберта Мецола ја опишала забраната за влез на бугарскиот европратеник Ковачев во Северна Македонија како „инцидент кој е за длабоко жалење“. Ќе бидам во контакт со претставниците на С. Македонија за да ја разјаснам ситуацијата“, рекла претседателкатта на ЕП.
На денешниот брифинг со бугарските медиуми, министерот Кондов зборувал и за, како што се вели во соопштението на бугарското министерство, проблемите на луѓето со бугарска самосвест во соседната земја.
„Очекуваме земја која е кандидат за членство во Европската унија ефективно да ги заштити сите свои граѓани. Наместо тоа, сведоци сме на обиди да се замолчи гласот на македонските Бугари со кревање неосновани обвинувања против нив, со притисоци со тужби, со демонизирање во медиумите и особено на социјалните мрежи“, нагласи министерот Кондов.
Во соопштението е наведено дека, според министерот, Скопје не преземалo доволно мерки за спроведување на обврските од Договорот за добрососедство, меѓу кои и „како што е договореното извинување до Бугарите репресирани од тамошниот комунистички режим или отворањето на архивите на државниот репресивен апарат од периодот пред 1991 година.“
Инаку, односите меѓу Македонија и Бугарија се влошени во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година поради историски, јазичен и идентитетски спор.
Блокадата се надмина минатото лето со усвојување на Францускиот предлог и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но остана условот на Бугарија за отворање на поглавјата.
Едно од барањата на Бугарија е доследно почитување на Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година меѓу двете земји, како и на францускиот предлог со кој условено се отворија проговорите за влез на Македонија во Европската унија. За да продолжат македонските преговори со ЕУ, земјава ќе мора да го смени Уставот и да ги внесе Бугарите во Преамбулата.