Сецесионистичката реторика и активности драстично се зголемија во Република Српска во изминатите шест месеци, рече Кристијан Шмит, високиот претставник во Босна и Херцеговина, при презентацијата на својот извештај пред Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк.
Шмит истакна дека клучните предизвици за целосно спроведување на Дејтонскиот мировен договор доаѓаат од Република Српска (еден од двата ентитета во БиХ).
Тој истакна дека претседателот на РС, Милорад Додик, отворено заговара независност на тој ентитет, па дури и отворено зборува за обединување со Србија - што „ги доведува во прашање самите основи на Дејтонскиот мировен договор“.
Меѓу другото, Шмит предупреди дека сè уште е проблем негирањето на геноцидот во Сребреница и величењето на воените злосторници.
Шмит го презентираше 63-от Извештај на генералниот секретар на ОН за статусот на мировните сили во БиХ, кој се однесува на периодот од 16 октомври 2022 година до 15 април 2023 година. Последен пат тој се обрати пред Советот за безбедност на ОН на 2 ноември минатата година.
Во рамките на дискусијата за Босна и Херцеговина, на Советот требаше да се обрати и Жељка Цвијановиќ, претседателка на Претседателството на Босна и Херцеговина. За време на обраќањето на Шмит, Цвијановиќ ја напушти салата.
Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, беше против изјаснувањето на високиот претставник во Босна и Херцеговина и рече дека местото „се уште е празно“ и дека тој „нема право да зборува во име на меѓународната заедница“.
Видете и ова: Додик размислува за отцепување на РСВо извештајот објавен на веб-страницата на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР), меѓу другото се наведува дека периодот го одбележал формирањето на владата по општите избори во октомври, но и „нарушувачка реторика и акции на владејачката коалиција во Република Српска“.
Тој посочи дека властите во РС (еден од двата ентитета на БиХ) во тој период ги интензивирале своите сецесионистички активности и го истакнал влијанието на Додик во тоа.
„Властите во РС категорично ги отфрлаат овластувањата на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, ОХР и заземаат конфронтирачки став кон западните партнери“, се наведува во извештајот.
„Пренасочувањето, прекинувањето или условувањето на финансирањето се алатки на располагање на меѓународните партнери за да одговорат на овие активности“, рече Шмит.
Тој додаде дека го суспендирал законот за недвижен имот усвоен од Народното собрание на РС, бидејќи тој „се заснова на погрешно разбирање на уставната структура и е во спротивност со претходните судски одлуки“.
Тој предупредува дека во РС има јасна тенденција кон авторитарна политика и дека предложените закони - како оние за криминализација на клеветата или регистрацијата на организации финансирани од странство - го намалуваат просторот за маневрирање на граѓанското општество и медиумите. Тој посочи дека се уште не е формирана влада во Федерацијата Босна и Херцеговина (вториот ентитет на БиХ) и дека застојот на овој пат е штетен за земјата и нејзината европска интеграција.