Уставниот суд одлучил да не поведе постапка за оценување на членот 110 од Законот за Јавното обвинителство, кој предвидува дека обвинението не може да биде засновано врз основа на незаконски прислушувани материјали, освен во предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кои се поднесени до надлежните судови заклучно со 30 јуни 2017 година.
Имено, Уставниот суд оценил дека во функција на заштита на уставно загарантираните основни слободи и права на човекот и граѓанинот, законодавецот со оваа одредба го имал предвид општиот интерес, јавното значење и општествената оправданост. Според тоа, Судот одлучил дека истата не е во спротивност со Уставот и одредбите на кои се повикуваат подносителите.
„Од направената анализа и изнесената фактичка состојба произлезе дека законодавецот јасно, прецизно и недвосмислено ги пропишал начинот на користење и уништување на материјалите и транскриптите од незаконски прислушуваните материјали со прецизирање на рокови за уништување на истите, категорично задолжувајќи го Јавното обвинителство што да прави во конкретни започнати и незавршени обвиненија и предмети поврзани со неовластено прислушуваните материјали“, се вели во денешното соопштение од Уставниот суд.
Видете и ова: Укинати пресуди, повторени судења-случајни или намерни пропусти за бомбастични предметиДо Уставниот суд се поднесени две иницијативи со кои се оспорува членот 110 од Законот за Јавното обвинителство. Едната е од Светскиот македонски конгрес (СМК), а втората од адвокатот Влатко Илиевски.
Во оспорената одредба е предвидено дека ЈО не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали, а со исклучок на предметите на СЈО поднесени до судовите до 30 јуни 2017 година. За предметите покренати по 30 јуни 2017 година бомбите може да се користат само како индиции и врз нивна основа не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката. Според подносителот, до поднесување на иницијативата уште не било докажано кој го наредил прислушувањето на материјалите кои биле искористени од страна на СЈО како доказен материјал за обвиненијата поднесени до 30 јуни 2017 година.
„Сепак она што го прави овој навод неоснован, а тоа е што постои разлика помеѓу поимите „прибавување“ и „создавање“ докази. По однос на вториот навод, се зазеде став дека оспорените одредби немаат ретроактивно дејство на штета на граѓаните против кои претходно биле поднесени обвиненија“, наведуваат од Уставен.
Содржината на незаконски прислушуваните разговори во 2015 година во јавноста ги обелодени тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев, со обвинување дека тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребила својата положба и незаконски прислушувала над 20 000 граѓани. Со посредство на меѓународната заедница беше формирана т.н. Пржинска влада, а по предвремените избори се формираше и Специјално јавно обвинителство кое имаше за цел да ја прегледа содржината на сите „бомби“ и да ги процесуира откриените злоупотреби од функционерите. Обвиненијата на СЈО беа против тогашните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, екс директорот на УБК Сашо Мијалов, поранешните министри Гордана Јанкловска, Миле Јанакиески, Спиро Ристевски и многу други.