Русија го врати безвизниот режим за граѓаните на Грузија и ја укина забраната за директни летови меѓу двете земји воведена во 2019 година, се вели во уредбата објавена на веб-страницата на руската влада.
Овој потег претставува ненадејно затоплување на односите меѓу Москва и Тбилиси, кои беа меѓу најзаладените во поранешниот Советски Сојуз, но се подобрија во последните години, наведува агенцијата Франс прес.
Сепак, грузиската претседателка Саломе Зурабичвили смета дека одлуката на Москва е неприфатлива додека продолжува руската инвазија на Украина.
„Враќањето на директните летови и укинувањето на визната забрана за Грузија е неприфатливо се додека Русија ја продолжува својата агресија против Украина и ја окупира нашата територија“, напиша таа на Твитер.
Зурабичвили често е во судир со грузиската влада, но има ограничени извршни овластувања според Уставот, пишува Ројтерс.
Видете и ова: Грузискиот парламент го отфрли контроверзниот закон за „странски агенти“Русија им дозволува на граѓаните на повеќето поранешни советски републики безвизен пристап, но воведе визен режим за Грузијците во 2000 година, наведувајќи го ризикот од тероризам во регионот на Северен Кавказ. Москва ги забрани директните летови за Грузија во 2019 година, по антируските протести.
Грузија пак им дозволува на Русите безвизен пристап и целосно право на работа до една година, што ја направи земјата една од главните дестинации за Русите кои ја напуштија својата земја од почетокот на војната во Украина.
Москва и Тбилиси немаат официјални дипломатски односи од 2008 година, кога водеа кратка војна за Јужна Осетија, регион во Грузија поддржан од Русија.
Грузиското општество останува силно антируско, со стотици илјади Грузијци кои живеат како внатрешно раселени лица по бегството од Јужна Осетија и другиот сецесионистички регион поддржан од Русија, Абхазија.
Сепак, грузиската влада избегнуваше да заземе отворено антируски став од почетокот на руската инвазија на Украина, започната на 24 февруари 2022 година. Тбилиси одби да воведе санкции кон Москва иако грузиското јавно мислење е проукраинско, а доаѓањето на голем број руски антивоени емигранти создаде одредени тензии во Грузија.
Ставот на Тбилиси ги затегна односите со Европската унија, иако заработи пофалби од нејзиниот стар непријател Русија, која го опиша ставот на Грузија за војната како „урамнотежен“ и постојано нудеше обнова на директните летови.
Во март, среде масовните протести, грузиската влада се откажа од напорите да донесе нацрт-закон со кој се регулираат таканаречените „странски агенти“.