Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика и ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за дополнителни 0,25 процентни поени и сега таа е на ниво од 5,75 проценти.
Комитетот за оперативна монетарна политика донел и одлука за зголемување на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 процентни поени со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,65 проценти и 3,70 проценти. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Според Централната банка, неопходна е натамошна претпазливост при водењето на политиките, заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа. Во април годишната стапка на инфлација бележи забавување, коешто започна од ноември минатата година, но таа и натаму, како и во глобални рамки е над историскиот просек.
Видете и ова: Банките „дерат“ со провизииПобавниот годишен раст на инфлацијата, како што информира НБ, главно произлегува од помалиот раст на цените кај прехранбената компонента. Најновите очекувања за движењата кај увозните цени, според оценката на НБ, упатуваат на надолно придвижување на берзанските цени на нафтата и храната.
„Исто така, базичната инфлација и натаму е на повисоко ниво, што упатува дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната врз оваа компонента сѐ уште не се целосно исцрпени. Очекувањата за идната динамика на увозните цени и натаму се движат по надолна патека, но се проследени со неизвесност поврзана со развојот на војната во Украина“, велат од Централната банка.
На девизниот пазар движењата се стабилни со зголемена склоност за штедење во домашна валута. Нивото на девизните резерви на крајот на април е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута, информираат од НБРМ.