Затвор за двајца руски војници кои одбиле да учествуваат во војната во Украина

илустрација

Двајца руски војници од Камчатка на Далечниот исток се осудени на по две и пол години затвор затоа што одбиле да се борат во Украина, објави на 10 мај, групата за човекови права ОВД-Инфо.

Во одделни пресуди, мажите, идентификувани во документите на воениот суд како Александар Степанов и Андреј Михаилов, беа прогласени за виновни за одбивање на наредбите да се борат за време на војната.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата година го измени кривичниот законик за да вклучи затворски казни до три години за такви прекршувања.

Воениот суд во Камчатка ги осуди Степанов и Михаилов на 25 и 27 април, јавува агенцијата Франс прес.

Мажите сè уште не се испратени во затвор и имаат можност да поднесат жалба.

Видете и ова: Во војна во Украина за „брзо“ руско државјанство

Во февруари, 20-годишен регрутен војник од северен Урал изврши самоубиство во својата воена станица во близина на Москва, откако одби да замине во Украина, објави ОВД-Инфо.

„Не сакам да слушам луѓе кои предизвикуваат само страв и одвратност“, напиша војникот Сергеј Гридин во својата последна порака и додаде:

„Затоа решив да умрам овде, во мојата родна земја, без туѓа крв на рацете“.

Путин нареди мобилизација на дополнителни 300 000 војници минатиот септември за да ги зајакне руските воени напори во Украина, каде што војската претрпе големи загуби во речиси 15 месечната војна.

Овој потег, без преседан од Втората светска војна, поттикна стотици илјади Руси да ја напуштат земјата за да избегнат да бидат повикани. Русија започна инвазија на Украина во февруари 2022 година.