Поранешниот пакистански премиер Имран Кан денеска се појави пред специјалниот суд во главниот полициски штаб за да одговори на обвиненијата за корупција, објавија локалните медиуми, еден ден откако неговото апсење предизвика насилни протести низ целата земја.
Некои локални медиуми, повикувајќи се на неименувани извори, јавија дека обвинителите побарале на Кан да му биде одреден 14-дневен притвор, пренесува агенцијата Франс прес.
Гео ТВ соопшти дека на Кан му било дозволено да се консултира со своите адвокати за време на сослушувањето, но судските службеници не биле достапни да ги потврдат деталите за постапката зад затворени врати.
Апсењето на Кан следува по повеќемесечната политичка криза и неколку часа откако војската го опомена поранешниот меѓународен играч на крикет поради наводите дека висок офицер бил вклучен во заговор да го убие.
Пакистанските политичари честопати беа апсени и затворани од основањето на земјата во 1947 година, но малкумина толку директно ја предизвикаа војската која организираше најмалку три државни удари и владееше повеќе од три децении, проценува АФП.
Видете и ова: Уапсен поранешниот пакистански премиер Имран КанДемонстрантите ја запалија резиденцијата на командантот на корпусот во Лахоре и направија опсада на влезот во штабот на армијата во градот Равалпинди.
Властите, исто така, наредија затворање на училиштата низ целата земја и продолжија да го ограничуваат пристапот до платформите на социјалните медиуми како што се Твитер и Фејсбук.
Полицијата вчера вечерта со часови водела жестоки битки со поддржувачите на партијата на Кан Техрик-е-Инсаф (ПТИ) низ повеќе градови низ земјата.
Локалните медиуми објавија дека двајца загинале во судирите, додека полицијата соопшти дека 945 „прекршители на законот и бунтовници“ биле уапсени само во Пенџаб, најнаселената провинција во земјата.
Демонстрантите во средата блокираа некои правци кои водат кон Исламабад, но имаше огромно присуство низ главниот град, особено надвор од таканаречените полициски линии каде што заседаваше специјалниот суд.
Шах Мехмуд Куреши, потпретседател на ПТИ, ги повика поддржувачите да продолжат со протестите на „законски и мирен начин“, додавајќи дека партиските адвокати ќе поднесат жалба против апсењето на Кан.
Министерот за правда Азам Назир Тарар на прес-конференција рече дека нема „политичка одмазда“ во врска со апсењето на Кан.
Случајот што доведе до негово притвор го покрена Националното биро за отчетност (НАБ), највисокото пакистанско антикорупциско тело, кое рече дека тој ги игнорирал постојаните повици да се појави пред судот.
„Кога и да беше повикан на суд, тоа го правеше во слободно време и само откако ќе добиеше последно предупредување“, рече Тарар.
Кан се соочи со десетици обвиненија откако беше сменет во април.
Него може да му биде забрането да извршува јавна функција доколку биде осуден, што ќе го исклучи од изборите закажани за подоцна оваа година.