Австрија ќе се приклучи на листата на земји кои ја забрануваат популарната апликација за споделување видеа Тик-ток од службените телефони на владините службеници, изјави денеска министерот за внатрешни работи Герхард Карнер.
„Ќе биде забранета само на службените мобилни телефони. На приватните телефони надвор од државната мрежа, секако ќе биде можно да се користи апликацијата“, им рече Карнер на новинарите пред состанокот во владата.
Видете и ова: Ограничувања, забрани, кампањи - како да се заштитат децатаТик-ток се соочува со забрана за користење на апликацијата во САД, Канада, Обединетото Кралство, повеќе западноевропски земји и низа институции на ЕУ, вклучувајќи ја и Европската комисија. Забраната не е целосна, туку се однесува само на службените, односно владините телефони. Земјите стравуваат од можно протекување на личните податоци од корисниците и на службените информации. Ова не е случајност.
Тикток, чија матична компанија е кинеската „Бајтдeнс“ (ByteDance Ltd), кон крајот на минатата година се соочи и го призна скандалот, кога се обелодени дека голем број вработени пристапувале до личните податоци на корисниците.