Повеќе од половината од предаденото оружје на првиот ден од кампањата што беше покрената во Србија по двете масовни злосторства минатата недела во училиште во Белград и во околината на Младеновац е оружје што е во легална сопственост, изјави Бојана Отовиќ Пјановиќ од Службата за сузбивање криминал при МВР.
Во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, на 3 мај во вооружен напад на 13-годишен ученик од тоа училиште загинаа осум деца и еден чувар, а ранети се шест ученици и еден наставник.
Еден ден подоцна, вооружен 21-годишен млад човек уби осум лица, а рани 14 во две села кај Младеновац.
По тие трагедии, државата најави дека ќе ги заостри казните за недозволено поседување оружје и даде можност во рок од еден месец да се предаде анонимно и без правни последици.
Бојана Отовиќ Пјановиќ рече дека во текот на првиот ден од кампањата за легализација, на 8 мај, од 7 до 19 часот, граѓаните предале околу 1.500 парчиња оружје, 50.000 парчиња муниција и околу 100 мини-експлозивни направи.
Редиците се долги пред полициските станици и тоа што поголем дел од оружјето го предале сопствениците кои го имаат во легално поседување е некако изненадувачки за сите нас“, вели Отовиќ Пјановиќ.
„Кога ги гледаме бројките, повеќе од 50 отсто од предаденото оружје е од легални сопственици. Би рекла дека тоа се случува и затоа што граѓаните се исплашени после се. Што е природно, бидејќи за 48 часа се случија два навистина страшни настани. Делумно тоа е и зголемување на свеста на граѓаните за неопходноста и оправданоста од носење оружје“, рече Отовиќ Пјановиќ.
Министерството за внатрешни работи на Србија ги информираше граѓаните дека во следниот месец можат лично да дојдат во полиција и да остават нелегално оружје и муниција, како и дека имаат можност да се јават во најблиската полициска станица, која ќе испрати полициски службеници да соберат тоа.
Отовиќ Пјановиќ забележува дека целта на акцијата е што повеќе да се намали бројот на нелегалното оружје.
„Исто така, мислам дека сите овие настани влијаеја на свеста на граѓаните за ризиците од оружјето што го поседуваат илегално и дека го предаваат за да ја заштитат сопствената безбедност и безбедноста на членовите на нивните семејства, како и да придонесат за општа безбедност на сите нас Сигурен сум дека можноста за легализација ќе придонесе граѓаните да се ослободат од оружјето“, изјави Отовиќ Пјановиќ.
Во Србија нема официјални проценки за бројот на оружјето што го поседуваат илегално, додека некои невладини организации кои се занимаваат со безбедносни прашања проценуваат дека е најмалку неколку стотици илјади.