Само 10 проценти од активностите предвидени во националната стратегија за борба против корупцијата биле спроведени во 2022 година, се вели во барометарот на корупција за април 2023 година, што го спроведе Транспаренси интернешнл-Македонија, во рамки на проектот „Бистро-Матно“.
„Лани биле завршени само 10 проценти од активностите предвидени во четиригодишната Стратегија за борба против корупцијата. Причината за оваа ниска реализација на националната стратегија, според претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Билјана Ивановска, се слабата посветеност на институциите, честите менувања на министрите партизирана администрација“, велат од Транспаренси интернешнл.
Во делот на „матните“ настани за април оваа година, се споменува делото на Мијалков во „Титаник 2 “ кое е застарено, а според Транспаренси интернешнл, причината е неефикасноста на судството. Од Транспаренси интернешнл го потенцираат и Ревизорскиот извештај на АД МЕПСО за 2021 година, кој, како што велат, е со голем број неправилности.
Исто така, се споменува и разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, како и на реакцијата на Советот на Јавни обвинители за ставот на обвинителката Ленче Ристовска.
Во делот на „бистрите“ настани за април оваа година, е наведена изјавата на обвинителката Ленче Ристоска за Советот на јавни обвинители, како и кривичната пријава за вработена во Катастар која ја злоупотребила службената положба.