Урсула фон дер Лајен во Киев на Денот на Европа

Шефицата на Европската комисија,Урсула фон дер Лајен, пристигна во Киев за да го одбележи Денот на Европа

Шефицата на Европската комисија,Урсула фон дер Лајен, пристигна во Киев за да го одбележи Денот на Европа. Шефицата отпатува со ноќен воз од Полска за да се види со претседателот Володимир Зеленски и да работи на обидот на Украина за можно членство во ЕУ, пренесува агенцијата Франс прес.

Украинскиот лидер донесе декрет 9 мај да се слави во неговата земја како Ден на Европа, како и во Брисел, отфрлајќи ја традицијата на Денот на победата во Втората светска војна во поранешниот Советски Сојуз.

„Ја поздравувам одлуката на претседателот Зеленски да го прогласи 9 мај за Ден на Европа. Украина е дел од нашето европско семејство“, изјави Фон дер Лејен пред новинарите во возот за Киев.

„Моето присуство во Киев денеска, 9 мај, е симболично, но исто така е знак на клучна и многу практична реалност: ЕУ работи рака под рака со Украина за многу прашања“. рече таа.

Непосредно пред нејзиното пристигнување, украинските воздухопловни сили соопштија дека собориле 23 од 25 крстосувачки ракети лансирани од Русија во текот на ноќта помеѓу понеделник и вторник.

Видете и ова: Украина бара заострување на санкциите кон Русија

Двајцата требаше да разговараат и за стратегијата на Европа за зголемување на залихите артилериска муниција за украинските сили, како и за огромните финансиски потреби на Киев за следната година.

Таа, исто така, ќе го информира својот украински партнер за 11-тиот пакет санкции на Брисел насочени кон фирмите кои ја поддржуваат Русија и сакаат да ги заобиколат постоечките контроли.

„Сега фокусот е на цврстата примена на санкциите и преземањето мерки за да се избегне заобиколување. Решени сме да ги затвориме постоечките дупки“, изјави Фон дер Лејен за агенцијата Франс прес.

„Никој не треба да се сомнева во тоа“, заклучи претседателката на Европската комисија.

Западните сојузници на Киев ветуваат дека еден ден ќе најдат дом во Европската унија и НАТО и ја поддржаа владата на Зеленски со пари и напредно оружје. Сега тие ја чекаат долгоочекуваната обновена украинска офанзива, за која западните престолнини се надеваат дека ќе го принуди рускиот претседател Владимир Путин да отстапи.

Во меѓувреме, Брисел и помага на владата на Зеленски да спроведе антикорупциски реформи за да и овозможи да започне, најверојатно, години на разговори за пристапување во ЕУ. Комисијата ќе им даде на лидерите на ЕУ привремено мислење за напредокот на Киев во наредните недели и формален писмен извештај во октомври.

Има многу добра волја за Украина во главните градови на ЕУ, но и скептицизам дека земја со толку проблематична понова историја ќе биде во форма да започне формални пристапни преговори оваа година.