Илјадници луѓе во тишина одеа низ централните улици на Белград до зградата на Владата на Србија, на денешниот протест „Србија против насилството“.
На протестот беа повикани парламентарните опозициски партии, а причината е реакцијата на државата по двете масовни убиства што се случија на 3 и 4 мај.
Собирот беше организиран без говори и обраќања, а организаторите, меѓу другото, побараа да се запре промовирањето на насилството во медиумите и јавниот простор.
Надлежните добија рок до 12 мај да ги исполнат барањата кои беа прочитани на почетокот и на крајот на протестот.
Организаторите најавија дека во спротивно ќе се одржи нов протест.
Во Нови Сад и во неколку други градови во Србија беа организирани прошетки и собири.
Осум деца и еден чувар беа убиени на 3 мај во вооружен напад на 13-годишен ученик во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Шест ученици и еден наставник се ранети, а напаѓачот е уапсен.
Во селата Мало Орашје и Дубона кај Младеновац, напаѓач на 4 мај уби осум луѓе, а рани 14.
Видете и ова: Србија воведе постојано присуство на полиција за време на наставатаКако што јави репортерката на Радио Слободна Европа, бескрајна колона луѓе во целосна тишина тргна од платото пред Собранието на Србија, каде се собраа, кон зградата на Владата во центарот на Белград.
Тие кратко застанаа во тишина пред зградата на Претседателството на Србија, а потоа продолжија со прошетката.
Кон зградата на српската Влада од различни правци се слеваа неколку колони, а главната од Собранието ја водеа претставници на опозицијата.
Тие носеа транспарент „Србија против насилството“, а како што беше најавено во поканата, на протестот немаше партиски натписи.
Насобраните ги носеа пораките „Повеќе грижа и нега, а не репресија“, „Одговори, не манипулации“ и „Оставки“.
„Тука сме затоа што сакаме оваа земја да биде безбеден дом за сите“, порача Марина Видојевиќ - наставничка по српски јазик во основното училиште, пред Собранието на Србија.
„Тука сме затоа што не можеме повеќе да чекаме, предолго чекавме, предолго молчивме. Во тишината и темнината растеше културата на насилство, растеше злото“, рече таа и ги прочита барањата на протестот.
Организаторите на протестот побараа разрешување на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми и затворање на печатените медиуми и таблоидите кои промовираат омраза и насилство.
Беше побарано и одземање на националните фреквенции на телевизиите Пинк и Хепи и итно укинување на програмите кои „промовираат насилство, неморал и агресија“, како што се реалните шоуа.
Побарани се оставки и од министерката за внатрешни работи Братислава Гашиќ и директорот на безбедносно-информативната агенција Александар Вулин.
Како што се наведува, „оставката на министерот за образование Бранко Ружиќ е доказ дека власта знае само за притисоци“.
Ружиќ поднесе оставка на 7 мај, истакнувајќи дека тоа е личен но и политички чин.
Кога на крајот од протестот повторно беа прочитани барањата, толпата извикуваше „Вучиќ ставка!“, (за претседателот на Србија Александар Вучиќ)
Организаторите на протестот од редовите на опозицијата побараа и итна седница на Собранието, на која ќе се разгледува одговорноста на Владата и безбедносната состојба во државата, „како и долгорочни решенија кои треба да се спроведат за вакви настани никогаш повеќе да не се повторат“.
Меѓу другите, протестот го повикаа Партијата за слобода и правда, Демократската партија, Движењето на слободни граѓани, Народната партија, партијата Заедно, Зелениот левичарски фронт/Не давимо Белград.