Заеленски предложи Украина да го одбележува 9 мај како „Ден на Европа“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека поднел предлог-закон до Парламентот со кој официјално ќе се одбележува 9 мај како „Ден на Европа“ во Украина, додека Денот на победата, 8 мај, ќе се слави како „ден на сеќавање и победа над нацизмот“.

Русија го слави Денот на победата во Втората светска војна на 9 мај. Украина е поранешна советска република, а победата на сојузниците во Втората светска војна ја одбележува и на 8 мај и на 9 мај од 2015 година.

На 8 мај, кога Украина го слави Денот на победата заедно со повеќето европски нации, Зеленски во видео изјава рече дека руските сили ќе биде поразени во својата земја, исто како што била победена нацистичка Германија во Втората светска војна.

Видете и ова: Украина тврди дека соборила 35 беспилотни летала во пресрет на 9 мај

На 8 мај 1945 година стапи на сила актот на безусловно предавање на Вермахтот. На 8 мај светот го почитува споменот на сите оние чии животи беа одземени од таа војна“, рече Зеленски.

„Заедно го уништивме злото, на ист начин како што сега заедно стоиме против слично зло“, рече тој, алудирајќи на руската војна против Украина.

„Заедно со цела слободна Европа, ќе го одбележиме 9 мај во Украина како Ден на Европа - ден на обединета Европа, чија основа треба да биде и ќе биде мирот, ден на нашата Европа. Украина отсекогаш била, е и ќе биде дел од оваа Европа“, рече Зеленски.

Видете и ова: „Вагнер ни го киднапира синот и го испрати во Украина“

Рускиот претседател Владимир Путин го искористи Денот на победата на 9 мај за да го промовира својот аргумент дека Украина е зафатена од фашизам сличен на оној на нацистичка Германија.

Ваквото обвинение се смета, од страна на Киев и неговите сојузници, како неосновано тврдење што се користи како изговор за руската неиспровоцирана инвазија на Украина во 2022 година.

Повеќе од 20 руски градови ги откажаа парадите на Денот на победата оваа година, додека прославите во Москва беа намалени.

Украинското разузнавање предупреди за можноста од руски провокации по повод 9 мај, а воената команда на Киев соопшти дека соборила 35 самоубиствени беспилотни летала и 16 проектили користени за напад на украинска територија пред настаните.

Генералштабот на украинските вооружени сили во своето утринско ажурирање на 8 мај соопшти дека „непријателот повторно ја нападнал територијата на Украина, користејќи ирански нападни беспилотни летала Шахед“, тврдејќи дека „35 од 35 беспилотни летала биле уништени од нашите бранители“.