Осум мртви во пукање во трговски центар во Тексас

Илустрација

Најмалку осум лица загинаа на 7 мај кога напаѓач отвори оган пред трговски центар во близина на Далас, во американската сојузна држава Тексас, соопштија локалните власти рано утринава.

Во нападот се ранети седум лица, од кои тројца се во критична состојба. Возраста на жртвите се движи од пет до 51 година, изјави портпаролот на болницата за Би-Би-Си.

Полицаец кој случајно се нашол во близина го убил напаѓачот. Гувернерот на Тексас, Грег Абот, го опиша пукањето како „неискажлива трагедија“ и рече дека државата е подготвена да им понуди секаква помош на локалните власти. Градоначалникот на градот Ален, Кен Фулк, рече дека тоа е „трагичен ден“ за градот.

„Ален е горд и безбеден град, што го прави денешниот бесмислен чин на насилство уште пошокантен. Сепак, сакам да ги пофалам нашите полициски и противпожарни служби за нивната брза реакција. Нивната темелна обука да не се двоумат да се движат кон закана веројатно спаси повеќе животи денес“,изјави Фулк.

Видете и ова: Масовното убиство во Младеновац е тероризам, изјави Вучиќ, дел од ранетите се опоравуваат

Сенаторот од Тексас Џон Корнин на Твитер напиша дека „тагува со заедницата на Ален“ и ја пофали брзата реакција на „сите кои се вклучени во одговорот на ужасниот инцидент попладнево“.

Претходно оваа недела, полицијата во Тексас уапси маж обвинет за убиство на пет соседи, меѓу кои и деветгодишно момче. Осомничениот беше пронајде сокриен во плакар по четиридневна потрага.