МОН бара итна проценка на безбедност и ризици од ТикТок

Македонското министерство за образование (МОН) ќе предложи на владина седница да се направи итна проценка на состојбите и безбедносните ризици кои се потхрануваат од одредени социјални мрежи како ТикТок.

Причина за тоа се случувањата во соседна Србија со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина, информира Министерот за образование Јетон Шаќири.

Видете и ова: Одреден 30 дневен притвор за таткото на 13 годишниот напаѓач во Белград


Во средата 13-годишен ученик од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград уби осум ученици и еден работник од обезбедувањето во тоа училиште, а повреди уште шест ученици и еден наставник.

Во селата кај Младеновац, 21-годишен маж во петокот уби осум лица, а повреди 14. Во меѓувреме денеска во Белград е приведена малолетничка која на ТикТок објавила видео во кое се потсмева со жртвите од основното училиште „ Владислав Рибникар“ во Врачар.

„Тие социјални мрежи не треба да се користат во училишна средина“, изјави министерот Шаќири.

МОН изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, за да се намалат ризиците.

„Ги повикувам сите наставници, како и родители, на поотворен дијалог, надминување на шокот и неверувањето, промоцијата на разбирањето и позитивните согледувања, со цел да се помогне на своето дете, како и на децата околу нас, бидејќи тие се најзагрозената категорија во моментот“, изјави Шаќири.

Министерството соопшти дека веќе се прават консултации со експерти од неколку институции и факултети за да се зајакнат превентивните програми за борба против булингот и насилството.