МОН-Младите на е-маил ќе можат да пријават врсничко насилство

Министерот за образование Јетон Шаќири на средбата со СОНК

Министерството за образование и наука (МОН) отворени посебни електронски адреси каде ќе може да се пријавува врсничко насилство. Целта на оваа иницијатива е да се превенираат несакани настани како оние што ја потресоа соседна Србија во изминатите два дена, велат од МОН. Во престрелката во српскиот Младеновац загинаа 8 лица а ранети се 14.

Престрелката во Младеновац се случи еден ден по повеќекратното убиство во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ кај Врачар, во кое 13-годишник уби девет, а рани седум ученици и вработени. Убиени се осум ученици и еден чувар, а ранети се шест ученици и професори.

Македонскиот Министер за образование и наука Јетон Шаќири ветува дека по секоја пријава на „prijavinasilstvo@mon.gov.mk“ и „paraqitdhune@mon.gov.mk“ веднаш ќе се постапува.

Вчера МОН ги почна и консултациите за креирање мерки и надополнување на постоечките механизми за детекција и спречување на врсничкото насилство, промена на пристапот за работа со деца со асоцијално однесување и за работа со нивните семејства.

„Ова е сериозен предизвик за сите нас. Имавме плодна дискусија и сите сме согласни дека промени мора да се случуваат, затоа што новото време ја менува динамиката на живот, се менуваат трендовите, се менува однесувањето на младите. Овие предизвици бараат и соодветен одговор“, изјави по состанокот министерот Шаќири.

Видете и ова: Масовното убиство во Младеновац е тероризам, изјави Вучиќ, дел од ранетите се опоравуваат


Процесот на креирање мерки за јакнење на воспитно-образовниот систем за справување со насилство, како што најави, ќе биде инклузивен и во него ќе бидат вклучени повеќе институции и поединци. Со цел вклучување на сите засегнати министерства, ќе следат и средби со МТСП, МВР и Министерството за здравство.

Ако се увиди потреба, како што рече Шаќири, ќе се направат и законски измени во системот за образование.