Руските сили продолжија со нападот врз Бахмут. Ова го објави украинската војска на 6 мај, еден ден откако шефот на руската платеничка сила Вагнер се закани дека ќе ги повлече своите борци од опколениот украински град во регионот Доњецк во источна Украина.
Во својот дневен извештај на 6 мај, Генералштабот на вооружените сили на Украина рече дека украинските сили одбиле околу 50 напади во Бахмут и на други места во регионот на Доњецк, вклучително и Маринка и Авдијивка.
Видете и ова: Пригожин: Борците на Вагнер се повлекуваат од Бахмут, немаме муницијаРусија, исто така, изврши шест напади со беспилотни летала врз Украина во текот на ноќта, при што украинската воздушна одбрана ги уништи сите, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Игнат рано на 6 мај.
Украинската заменик-министерка за одбрана Хана Маљар рече дека руските трупи, предводени од платеници од приватната група Вагнер, вложуваат максимални напори да го заземат Бахмут до 9 мај, датумот кога Москва го слави Денот на победата во Втората светска војна.
„За да се постигне ова, тие ги носат Вагнеровите сили од другите боишта кои се заменети со падобрански јуришни единици кои моментално се борат во насока Бахмут“, напиша таа на социјалната платформа Телеграм на 5 мај.
„Русите се склони кон симболика и нивниот клучен историски мит е 9 мај и тие навистина ја утврдија целта да ја преземат контролата врз Бахмут до овој датум“, додаде таа во изјава за украинската телевизија.
Ова е во спротивност од очигледната закана од страна на шефот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, кој претходно на 5 мај тврдеше дека ќе ги повлече своите борци од Бахмут во нешто што изгледаше како ескалација на неговиот тековен судир со руското Министерство за одбрана за снабдување и поддршка.
Во видеото објавено од неговата прес-служба на 5 мај, Пригожин рече дека ќе ги повлече Вагнеровите сили од Бахмут до 10 мај - ден по планираните комеморации на Кремљ за Денот на победата во Втората светска војна.
„Требаше да го земеме Бахмут до 9 мај, но псевдо-воените бирократи, кои знаеја за тоа, буквално нè отсекоа од артилериската муниција“, рече Пригожин во видеото на кое во позадина се гледаат војниците на Вагнер.
Претходно оваа недела, Белата куќа процени дека од декември, вкупниот биланс на руски жртви во Украина, односно на загинати и ранети надминува 100 илјади.
Во таа бројка се вклучени и 20.000 Руси убиени во акција, од кои околу половина од тој број биле платеници на Вагнер.
„Повеќето од таа бројка беа руски осуденици кои се бореа во Бахмут“, рече портпаролот на Белата куќа Џон Кирби на 2 мај.
Кремљ одби да ги коментира забелешките на Пригожин, како и Министерството за одбрана.
Во друга видео изјава објавена на 4 мај, Пригожин беше прикажан како стои покрај десетици трупови, на како што тој ги нарече, „тазе убиените борци на Вагнер“. Тој ги обвини Шојгу и генералот Валери Герасимов, претседател на Генералштабот на Русија, за соучесништво во нивната смрт, бидејќи рече дека силите на Вагнер не добиваат доволно муниција.