Со електронска адреса на која ќе се пријавува врсничко насилство, домашните институции ќе спречуваат вакви и слични појави. По последните трагични настани во соседна Србија, министерот за образование, Јетон Шаќири денеска изјави дека е вклучен црвениот аларм кај институциите. Тој најави дека наредните денови ќе има и други мерки, кои засега само се дискутираат.
„На моја иницијатива имаше дискусија со професори од сферата на психологијата и безбедносните науки. Не би сакал да избрзувам со детали од заклучоците – дали, како и кога ќе се имплементира. Следните денови ќе се вклучат и други установи. Има и работи што може веднаш да се воведат, на пример, граѓаните на една електронска адреса да пријавуваат врсничко насилство. Таа ќе биде веднаш активна, а ние ќе комуницираме со институциите. Имаме Просветен инспекторат, кој си ја врши работата, наставниците, педагозите но, прва асоцијација за обраќање за помош и поддршка е МОН“, вели Шаќири.
Видете и ова: Мислиш ли дека си поголем фраер ако навредуваш?Од ресорното минстерство информираат дека заедно со Владата на Република Северна Македонија и сите други засегнати институции и установи, согласно своите надлежности веднаш ќе започнат со ревидирање на воспитната компонента на образовниот систем, механизмите за детекција на предизвици и формите на поддршка на учениците и семејствата.
До ова доаѓа по масовното убиство во училиште во Белград, во кое животите ги загубија девет лица, од кои осум се деца, а има тешко повредени.