Владата предлага со европско знаменце во Собранието да се носат измените на законите потребни за побрза и поевтина изградба на автопатите од коридорите 8 и 10. На денешната седница таа донесе нови пет предог-закони за коридорите 8 и 10д кои ќе бидат доставени до Собранието со европско знаме. Како што соопшти првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, целта на новите законски решенија е побрза и поевтина изградба на коридорите.
Од пратениците сега зависи, рече Груби, дали изградбата на коридорите ќе биде побрза и поевтина или побрза и поскапа.
Тој воедно ја повика опозицијата да прекине со блокадите на законските решенија зашто со тоа, рече, се ставаат во заложништво 150 милиони евра од граѓаните и се загрозуваат националните стратегиски проекти поради дневно-политичка агенда.
„Увидувајќи ја очигледната бпокада и заложништвото на законите од опозицијата и имајќи ги предвид интересите на граѓаните, Владата денеска усвои пет предог-закони кои ќе ги достави до пратениците. Со оглед дека ЕУ го додаде на мапата коридори и Коридорот 8 и со оглед на неговото геостратешко значење, заедно со коридорот 10д, како и поради тоа што долго во јавноста се води дебата, одлучивме законите да се предложат со европско знаме,“ истакна Груби.
Видете и ова: Можни одговори за неодговорените прашања за „Бехтел и Енка“ зад затворена вратаОпозицијата обвинува дека овој договор е штетен за државата и дека Владата ќе плаќа пенали од 300 милиони евра, доколку во Собранието не биде донесен пакетот закони поврзани со изградба на коридорите. Според предложените измени во Собранието, покрај Законот за работни односи, експропријација и за заштита на културното наследство, ќе се менуваат законите за земјоделско земјиште, урбанистичко планирање, минерални суровини, законите за шумите и за градење. Опозицијата обвини дека измените се носат како што велат „шверцерски“ без широка консултација, што фрла сомнеж врз целиот проект.
Од СДСМ негираат дека државата ќе плаќа пенали. Од таму велат дека како кај секој друг договор каде инвеститорот и изведувачот имаат свои права и обврски и согласно случениот договор, изведувачот може да работи во услови каде важат постоечките законски одредби.
Инаку проектот за изградба на коридорите ќе чини 1,3 милијарда евра. Автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци. Претставници на институциите брифираа дека за експропријација на земјиште се предвидени дополнителни 238 милиони евра од буџетот, кои не влегуваат во оние 1,3 милијарди евра.