Пригожин: Борците на Вагнер се повлекуваат од Бахмут, немаме муниција

Сопственикот и водач на руската паравоена група Вагнер, Евгениј Пригожин

Сопственикот и водач на руската паравоена група Вагнер, Евгениј Пригожин денеска изјави дека неговите сили ќе го напуштат украинскиот град Бахмут на 10 мај.

„Во име на борците на Вагнер, во име на командата на Вагнер, изјавувам дека на 10 мај 2023 година сме обврзани да ги префрлиме нашите позиции во населбата Бахмут на единиците на Министерството за одбрана и да ги повлечеме остатоците од логистичките кампови на Вагнер, за да можеме да се прегрупираме. Ги повлекувам единиците на Вагнер од Бахмут бидејќи е бесмислено во недостиг на муниција да се оди во пропаст“, рече Пригожин.

Пригожин, објави видео во кое ги обвини највисоките руски воени претставници за загубите што ги претрпеа неговите борци во Украина, објави Ројтерс.

Изјавата на Пригожин, објавена од неговата прес-служба, е последна во низата обвинувања против рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов дека на неговите борци намерно им се одзема муниција.

Видете и ова: Водачот на групата Вагнер ги обвини руските „носители на одлуки“ за предавство

Пригожин се појави покрај „десетици крвави трупови“ за кои рече дека припаѓаат на борците на Вагнер.

„Имаме 70% недостиг на муниција. Шојгу! Герасимов! Каде е муницијата“, рече Пригожин.

Пригожин, чија група Вагнер го предводеше неколкумесечниот напад на Русија врз источниот украински град Бахмут, почна, како што објави Ројтерс, да упатува обвинувања против руските воени претставници минатата година, обвинувајќи ги за некомпетентност и намерно ускратување на муницијата за Вагнер поради лично непријателство кон него.