Од Илинденска до Кремљ
УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја наскоро ќе започне контраофанзива против руските сили и дека е сигурен дека Западот потоа ќе му обезбеди на Киев модерни воени авиони.
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) го продолжува штрајкот почнат минатиот вторник затоа што не добиле согласност од Министерството за финансии за нивниот колективен договор со кој ќе им бидат зголемени платите.
ЕУ - Операторите од Западен Балкан и земјите од Европската унија постигнаа договор со кој се намалува јазот помеѓу роамингот и домашните трошоци за користење на податоците во двете насоки, соопшти Европската комисија.
РУСИЈА - Руските власти ја обвинија Украина за обид за напад со дрон врз Кремљ. Во соопштението на Кремљ, пренесено од руските медиуми, наводниот обид за напад со два беспилотни летала во текот на ноќта е опишан како „терористички чин“ и се додава дека руската војска и безбедносните сили ги „оневозможиле беспилотните летала“. Не е причинета материјална штета и нема жртви. Украина ги отврли обвинувањата.
МАКЕДОНИЈА - Битката за „трикафта“ ќе продолжи се додека не ја добие и последниот пациент и да се подразбира сите новородени да си ја добиваат терапијата без вакви борби и протести. Ова беше кажано на денешниот протест на Асоцијацијата за цистична фиброза пред Министерството за финансии.
ТУРЦИЈА - Судот во Истанбул одреди 10-месечна условна казна на турската поп пејачка Ѓулсен, откако ја осуди за „поттикнување омраза и непријателство“ поради шега за турските верски училишта. Кантавторката минатата година беше накратко затворена поради шега што ја направи на концерт, кога рече дека еден од нејзините музичари е „перверзник“ затоа што посетувал верско училиште.
СРБИЈА - Осум деца и еден чувар загинаа во престрелка во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, соопшти српската полиција. Шест деца и еден наставник се ранети и хоспитализирани во Ургентниот центар и Тиршова.
СУДАН - Завојуваните судански воени фракции постигнаа начелен договор за седумдневен прекин на огнот, објави Јужен Судан, додека пукотниците и воздушните напади во главниот град Картум го нарушија последното во серијата краткотрајни примирја договорени од двете страни, пренесува Ројтерс.