Москва тврди дека спречила напад со украинско беспилотно летало врз Кремљ

Илустрација

Руските власти ја обвинија Украина за обид за напад со дрон врз Кремљ.

Во соопштението на Кремљ, пренесено од руските медиуми, наводниот обид за напад со два беспилотни летала во текот на ноќта е опишан како „терористички чин“ и се додава дека руската војска и безбедносните сили ги „оневозможиле беспилотните летала“.

Не е причинета материјална штета и нема жртви.

Рускиот претседател Владимир Путин е безбеден и продолжи да работи без промени во неговиот распоред, се додава во соопштението.

Видете и ова: Путин потпиша указ за доживотна затворска казна за велепредавство

Во соопштението што го пренесе ТАСС, се наведува и дека овој инцидент се смета за „намерен обид за убиство на Путин во пресрет на Денот на победата, кој Русија го слави на 9 мај“.

„Русија го задржува правото да одговори кога и каде смета дека е соодветно“, се вели во соопштението.

Украинската страна не ги коментираше овие наводи.