Осум ученици и еден чувар убиени во пукање во училиште во Белград

Србија - Полицијата пред основното училиште Владислав Рибникар поради масовно пукање, Белград, 3 мај 2023 година.

Осум деца и еден чувар загинаа во престрелка во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, соопшти српската полиција.

Шест деца и еден наставник се ранети и хоспитализирани во Ургентниот центар и Тиршова.

Во училишниот двор е пронајден и уапсен ученикот од ова училиште К.К.(14), кој е осомничен дека го сторил ова кривично дело, соопшти полицијата без да ги наведе мотивите за пукањето.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Осум ученици и еден чувар убиени во пукање во училиште во Белград


МВР претходно соопшти дека ученик од седмо одделение испукал неколку истрели од пиштолот на неговиот татко во правец на учениците и обезбедувањето на ова училиште.

Видете и ова: Ученик во училиште во Белград убил 8 ученици и еден обезбедувач

Претседателот на општина Врачар, каде што се наоѓа училиштето, Милан Недељковиќ,изјави дека ученикот го носел пиштолот во ранецот и дека пукањето се случило во ходникот на училиштето.

Тој изјави дека училиштето има безбедносни камери, но нема детектори за метал.

Сите улици околу училиштето лоцирано во центарот на Белград се блокирани. Пристапот до училиштето е забранет, а учениците кои биле во училиштето се евакуирани преку споредниот влез.

Началникот на полициската управа, Веселин Милиќ објави дека убиецот го планирал нападот еден месец, а дека злосторството самиот го пријавил.

Милиќ на прес-конференцијата на 3 мај рече дека осомничениот за нападот имал список на ученици што планирал да ги ликвидира и нацртана карта на училиштето.

Милиќ додаде дека во нападот биле употребени два пиштола - еден со калибар девет милиметри со три куршуми и еден малокалибар пиштол, а осомничениот донел и четири молотови коктели во училиштето.

На прес-конференцијата во Владата на Србија беше соопштено и дека е уапсен таткото на момчето, кој го поседува оружјето со кое напаѓачот уби девет, а рани неколку други.

Српските власти прогласија тридневна жалост.