Русија започна нова серија напади со беспилотни летала врз украинските градови, вклучувајќи го и главниот град Киев, но повеќето од нив беа соборени од украинската противвоздушна одбрана, соопшти украинската војска на 3 мај.
Командата на украинските воздухопловни сили соопшти дека уништила 21 од 26-те беспилотни летала од иранско производство, лансирани во нападот. Беспилотните летала се лансирани од областа Брјанск во Русија и од источниот брег на Азовското Море, се наведува во соопштението.
Во Киев и во голем број други региони беше прогласена тревога за воздушен напад од четири часа.
Воената администрација на главниот град објави дека сите беспилотни летала насочени кон Киев се соборени, без да го прецизира нивниот број. Ова беше трет бран руски воздушни напади врз Киев во последните шест дена.
Во Днепар, беспилотно летало ја погоди зградата на градската администрација, изјави на Телеграм Серхи Лисак, шеф на регионалната воена администрација.
„Избувна пожар, но тој веќе е изгаснат. Нема повредени жители. Спасувачите се уште работат на местото на настанот“, напиша Лисак.
Експлозии беа пријавени и на социјалните мрежи во регионите Черкаси, Дњепропетровск и Запорожје. Пожар избувна во складиште за гориво во руското село Волна во близина на мостот кон Крим, изјави локалниот гувернер Венјамин Кондратиев на 3 мај на Телеграма, без да ја прецизира причината за пожарот.
Во регионот на Доњецк, руските сили предводени од платениците на Вагнер продолжија да со напади во изминатите 24 часа врз Бахмут, кој останува во фокусот на напорите на Москва на исток.
„Руските трупи фокусирани на изведување офанзивни операции во правците на Лиман, Бахмут, Авдијивка и Мариинка извршија повеќе од 30 напади“, се вели во дневниот извештај на украинскиот Генералштаб од 3 мај. Руските напади беа одбиени“, се вели во соопштението.
На 2 мај, украинскиот воен командант вети дека нема да се откаже од Бахмут.
Со индикации дека почетокот на долгоочекуваната контраофанзива на Украина е неизбежен, генералот Олександр Сирскиј, командант на копнените сили на Украина, ја подвлече важноста што Киев му ја придава на задржувањето на Бахмут.
„Заедно со командантите донесовме низа неопходни одлуки со цел да се обезбеди ефикасна одбрана и да се нанесат максимални загуби на непријателот“, рече Сирскиј во изјавата објавена по посетата на војниците во Бахмут.
„Ќе продолжиме, и покрај сите прогнози и совети, да го држиме Бахмут, уништувајќи го Вагнер и другите најборбено способни единици на руската армија“, рече тој.
Украина сè уште држи делови од градот по неколкумесечни жестоки борби против редовните руски трупи и платениците на Вагнер.