Вучиќ и Курти усвоија Декларација за исчезнатите, а за ЗСО има само Нацрт

Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, се состана со српскиот претседател Александар Вучиќ, лево, и косовскиот премиер Албин Курти, десно, за време на состанокот на високо ниво за дијалог Белград-Приштина во Брисел, вторник, 2 мај , 2023.

По состанокот со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека состаноците не биле лесни и дека е „многу загрижен“.

Тој рече и дека по „клучното прашање“ за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО) е јасно дека „Приштина не сака да ја исполни својата обврска од пред 10 години“.

„Мене ми беше јасно. Денеска дојдовме до ѕид. За нив, во Нацртот е неприфатливо поради косовскиот Устав, дека не сакаат нова Република Српска. И тогаш дојдовме до третата точка, а тоа е моментната ситуација после срамните и нелегитимни избори на северот на Косово, каде што гласаа 3,4 отсто. Како да се надмине моментната ситуација. ЕУ излезе со свој предлог, јас прифатив, Приштина го одби тоа“, рече Вучиќ по состанокот.

Тој додаде дека се надева дека до наредната рунда на техничко ниво ќе има реакција од другите кои би можеле да „влијаат на промена на таквите ставови“.

„Инаку се плашам дека сите сме во голем ќорсокак. Не сум оптимист, но можам да ветам дека ќе дадеме сè од себе да ги сочуваме мирот и стабилноста“, рече Вучиќ.

На прашањето каква е судбината на нацртот на Статутот на Заедницата, Вучиќ рече дека „или ќе се прифати она што е договорено во 2013 и 2015 или е крај на сè“.

Тој наведе и дека ќе се продолжи со барање на решение, но дека тоа решение вечерва не се гледало.

Српскиот претседател рече дека за решението што ЕУ го понудила во контекст на изборите на северот на Косово ќе зборува во наредните денови.

Вучиќ повтори дека Србија селективно ќе го применува Охридскиот договор со Курти, додавајќи дека и Косово одбива да ја формира Заедницата.

Тој изјави дека е свесен дека тој договор е дел од преговарачката рамка и дека од него зависат и евроинтеграциите на земјата.

На почетокот на состанокот, во рамки на дијалогот Белград – Приштина, кој се води под покровителство на ЕУ, Вучиќ и Курти усвоија Декларација за исчезнатите лица.

Претходно во Брисел беше објаснето дека текстот бил претходно усогласен и се чекало формално усвојување на највисоко политичко ниво

Во Косово сè уште за трага за над 1600 лица.

Видете и ова: Османи: Косово да подготви статут за формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство

Борел: Семејствата имаат право да ги знаат судбините на нивните роднини

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, го поздрави усвојувањето на Декларацијата.

Во соопштението на Борел се наведува дека „двете страни го препознаа прашањето за исчезнатите лица како хуманитарно и ја истакнаа итната потреба од дополнителни заеднички напори за ублажување на состојбата на погодените семејства и пошироката заедница“.

Тој додаде дека инволвираните страни се обврзале на следниот состанок да ги договорат оперативните детали како дел од дијалогот за нормализација на односите на ниво на главните преговарачи.

Борел потсети дека има 6.065 предмети на исчезнати лица, во периодот од 1 јануари 1998 до 31 декември 2000 година. Од нив 1.621 останале нерешени.

„Повеќе од дваесет години подоцна, нивните семејства продолжуваат да живеат со тага, без да знаат каде се нивните најблиски. Семејствата имаат право да ја знаат судбината на нивните роднини, како и целото општество“, се вели во изјавата на Борел.

Видете и ова: Хил: ЗСО е клучот за постигнување нормализација на односите меѓу Белград и Приштина

И Заедницата на општини со српско мнозинство на агендата

Втората тема на средбата, која се одржа на 2 мај, беше поврзана со процесот на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.

Двете страни направија важен симболичен чекор кон формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.

„Тоа е договорено пред десет години. Конечно, денеска тим составен од Срби од Косово им го претстави првиот Нацрт на страните. Тоа не е конечен нацрт. Тоа е почетната точка“.

Борел рече дека презентацијата на Нацртот е важен чекор од договорот и го поздрави фактот што е презентиран Нацртот. Тој додаде и дека Заедницата треба да се формира согласно договорите од 2013 и 2015 година според постоечките европски модели.

Данијела Вујичиќ од Управувачкиот тим за Нацрт-статутот рече дека по „пет години имале можност да го претстават Нацртот завршен во 2018 година“.

„По 30 минути, кои ЕУ ги даде за овој формат, ми беше невозможно да презентирам 67 членови и девет поглавја од Нацрт-статутот на заедницата. Големата работа на самата делегација сега е да ја чита член по член“.

Таа прецизираше дека нацртот бил правен четири месеци, од април 2018 до август 2018 година.

Заедницата на општини со српско мнозинство треба да се состои од општините Грачаница, Штрпце, Клокот, Ранилуг, Партеш, Ново Брдо јужно од Ибар и Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин поток, на северот на Косово.

Управувачкиот тим е предвиден со Договорот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија од 2013 година, со цел да напише статут за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство. Тимот треба да го сочинуваат претставници на четири општини од северот.

Ова е прва средба на лидерите на Србија и на Косово по средбата во Охрид на која на 18 март се договорија за анекс на имплементација на договорот за патот кон нормализација на односите меѓу двете стани. На средбата во Брисел одржана на 27 февруари тие го договорија текстот на договорот.

За разлика од претходните средби, овој пат домаќините на средбата, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, не остварија одвоени средби со делегациите, туку директно отидоа на трилатерален состанок.

Американскиот специјален пратеник Габриел Ескобар.

И Ескобар во Брисел поради дијалогот

Специјалниот американски пратеник за Западниот Балкан Габриел Ескобар исто така е во Брисел.

Во поголемиот број случаи, за време на разговорите од дијалогот на највисоко политичко ниво, и Ескобар престојува во Брисел и има состаноци со вклучените, но не во просториите каде што официјално се одржува дијалогот, со оглед дека се работи за процес под покровителство на ЕУ. Пред почетокот на состанокот, Ескобар се сретна со Курти.

Американската страна од овој состанок очекува напредок, особено по прашањето за процесот на формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.