Од Симеон Саксобурготски до Бујар Османи
БУГАРИЈА - Бугарија треба да им плати 1.635.875 евра плус додатоци што може да бидат наплатени на поранешниот престолонаследник и екс-премиер на Бугарија, Симеон Саксобурготски и на неговата сестра, пресуди на 2 мај Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП). Во 2021 година, Симеон и неговата сестра Марија Луиза ја осудија Бугарија за мораториумот на нивните имоти во 2009 година. Со мораториумот на двајцата им беше забрането да располагаат со шумското земјиште до донесување на посебен закон. Сепак, таков закон сè уште не е усвоен, а мораториумот продолжува да функционира на сите имоти вратени на кралското семејство по падот на комунистичкиот режим.
КОСОВО - Официјална Приштина треба да претстави предлог-статут за формирање Заедница на општини со српско мнозинство, изјави на 2 мај, претседателката на Косово, Вјоса Османи.
СУДАН - Над 100 илјади бегалци преминале од Судан во соседните земји за да побегнат од конфликтот што избувна во таа земја минатиот месец, изјави претставничката на Високиот комесаријат на ОН за бегалци Олга Сарадо.
ЕУ - Европската комисија најостро го осудува обидот за бомбашки атентат на главниот обвинител на Бугарија, рече портпаролката на Комисијата, Анита Хипер во одговор на прашање на прес-конференција.
УКРАИНА - Најмалку едно лице е рането, а предизвикана е и штета на едно училиште во ракетните напади на руските сили врз градот Краматорск во текот на ноќта, објави на 2 мај шефот на регионалната воена управа на Донецк, Павло Кириленко. Тој не даде дополнителни детали.
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Северна Македонија треба да се задржи на европскиот пат оцениле вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и шведската министерка за ЕУ и Нордиска соработка, Јесика Росвал, на средбата на 2 мај во Скопје.
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Опозицијата во Собранието на Република Северна Македонија да предложи датуми и надлежна комисија на која ќе биде претставен Договорот за изградба на Коридорите 8и 10Д пред пратениците, било договорено на денешната редовна координација во Парламентот.
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Одложена е денешната седница на Судскиот совет на која требаше да се избира наследник на разрешената претседателка Весна Дамева. Причината за одложувањето засега е непозната. Во соопштението на Судски совет се наведува дека дополнително ќе соопштат кога ќе се одржи следната седница.
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Северна Македонија одлучи да се приклучи кон Основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина. Ваква порака му пренел министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи на шефот на дипломатијата на Украина Дмитро Кулеба.