Официјална Приштина треба да претстави предлог-статут за формирање Заедница на општини со српско мнозинство, изјави на 2 мај, претседателката на Косово, Вјоса Османи.
„Не смееме да дозволиме нацртот на таканаречениот Управувачки тим, кој во реалноста е нацрт на (српскиот претседател Александар) Вучиќ, да стане основа на преговорите. Ние имаме свој нацрт кој е целосно во согласност со Уставот ( на Косово) и обезбедува да не се нарушува суверенитетот, ниту територијалниот интегритет“, рече Османи.
Оваа порака пристигнува на денот кога премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ се среќаваат во Брисел за да разговараат за спроведувањето на договорот за нормализација на односите врз основа на предлогот на ЕУ.
Како што претходно беше потврдено од ЕУ, на дневен ред на состанокот ќе бидат две прашања: усвојување на Декларацијата за исчезнати лица и презентација на првиот нацрт на статутот за формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.
Косовскиот премиер Курти претходно изјави дека раководниот тим за изработка на статутот не и е познат на јавноста, ниту пак неговата содржина.
Од друга страна, во пресрет на средбата во Брисел, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „ќе биде тешко“.
Формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство беше договорено во 2013 година, како дел од дијалогот меѓу Косово и Србија. Две години подоцна, принципите беа усогласени, но Уставниот суд на Косово утврди дека некои од нив не се во согласност со законите на Косово, но дека може да се усогласат.
Кога станува збор за усвојувањето на Декларацијата за исчезнати лица, косовската претседателка изјави дека ова прашање е многу важно бидејќи Србија ќе мора да ги отвори своите архиви.
Во Косово се уште се трага по над 1.600 лица, главно од албанската заедница.