Европската комисија најостро го осудува обидот за бомбашки атентат на главниот обвинител на Бугарија, рече портпаролката на Комисијата, Анита Хипер во одговор на прашање на прес-конференција.
„Ова е бесмислен и кукавички чин на насилство за кој нема место во нашето општество. Очекуваме националните власти одлучно и брзо да ги изведат сторителите на овој грозоморен чин пред лицето на правдата. Засега не можевме да претпоставиме кои се причините за таквиот напад“, додаде портпаролката.
Нападот го осуди и главната обвинителка на Европската унија, Лаура Ковеши.
„Во Европската унија криминалците кои се осмелиле да нападнат претставник на судството мора да бидат сфатени како крајно опасни, а борбата против нив треба да се води со крајна решителност“, посочи Ковеши и нагласи дека очекува целосна истрага за овој случај.
Вчера попладне одекна експлозија на пат, во момент кога автомобилот на главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев и неговата колона се движела на патот од Самоков кон Софија.
Видете и ова: Бугарски експлозии, руски агенти и војната против Украина„Главниот обвинител бил цел на убиство, изјави заменик-главниот обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов. Тој нагласи дека не станува збор за заплашување, туку за обид за атентат.
Сарафов извести дека дошло до екстремно силна експлозија и дека од експлозијата е формиран кратер со длабочина од 30-40 см и дијаметар од близу три метри.
На 2 мај во Бугарија се одржува состанок на Советот на министри на кој учествуваат и бугарскиот премиер Галаб Донев, министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев, како и претставници од Министерството за внатрешни работи и обвинителството. Тие разговараат за инцидентот со експлозивната направа што вчера експлодирала во близина на автомобилот и колоната на главниот обвинител Иван Гешев.