Украинските сили ги одбиваат руските напади врз Бахмут

Украински војници во близина на Вуледар, регионот Донецк, Украина, понеделник, 1 мај 2023 година.

Неуспешни се последните напади на руските сили врз украинските позиции во Бахмут, соопштија украинските власти на 2 мај. Останува неизвесен исходот од долготрајната битка за овој град во источната провинција Донецк, додека Русија го засилува гранатирањето на јужните украински региони.

Руските ракетни напади претходниот ден беа насочени кон северна и централна Украина, при што загина 14-годишно момче во регионот Чернигив и две лица во градот Павлоград во областа Днепропетровск, изјави на 1 мај украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во Павлоград се повредени 40 лица, изјави Зеленски во ноќното обраќање.
Руското Министерство за одбрана објави дека нивните сили погодиле некои локации на украинската војска. Русија негира дека целела цивилни локации и покрај огромните докази за спротивното.

Во Донецк, украинските борци одбиле 41 напад во изминатите 24 часа, од кои повеќето биле концентрирани во правец Бахмут-Авдиевка-Маринка, објави Генералштабот на украинската армија во дневниот извештај од 2 мај, додавајќи дека Русија извршила низа воздушни напади во таа област.

Русија го засили гранатирањето на јужна Украина, особено кон ослободените делови на регионот Херсон. Шефот на регионалната воена администрација, Олександар Прокудин, објави дека во изминатите 24 часа во таа област имало 71 напад.

Видете и ова: Лична огорченост и желба за одмазда: Кога и како Путин се решил за војна

Во ноември, Украина повторно зазеде делови од Херсон додека руските трупи се повлекоа на исток преку реката Днепар. Русија продолжи редовно да го гранатира регионот преку Днепар, а неодамна ги засили ваквите напади, за кои украинските власти велат дека сега се секојдневни.

Наталија Хуменјук, портпаролка на јужната воена команда на Украина, рече дека зголеменото руско гранатирање на цивилни цели на југот има за цел да го одвлече вниманието на јавноста од недостигот на успех на Москва на други фронтови.