Вучиќ и Курти го продолжуваат дијалогот во Брисел

Kосовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на 2 мај вечерта во Брисел ќе го продолжат дијалогот под покровителство на ЕУ . Фокус на средбата ќе биде имплементацијата на договорот за нормализација на односите.

Заедничката средба на Вучиќ, Курти, шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, ќе започне во 18:00 часот.

Според соопштението на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), на средбата ќе се разговара за имплементацијата на Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, за кој Вучиќ и Курти постигнаа договор на 18 март во Охрид.

Се очекува двете страни да ја усвојат Декларацијата за исчезнати лица, која ќе биде прва точка на дневниот ред, по што ќе следи презентација и расправа за првиот Нацрт-статут на Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово, соопшти ЕЕАС.

Видете и ова: Хил: ЗСО е клучот за постигнување нормализација на односите меѓу Белград и Приштина


Според информациите, страните ќе имаат можност да разговараат за актуелни политички прашања, а по средбата Борел ќе и се обрати на јавноста.

Денешната рунда разговори следи по новото зголемување на тензиите меѓу Белград и Приштина поради организирањето на вонредни локални избори во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово, на кои излегоа околу 3,5 отсто од гласачите.

Поради одржувањето на тие избори на 23 април, кои ги бојкотираа Србите, Вучиќ во неколку наврати остро зборуваше за косовските власти и за Западот, пред сè за земјите од Квинте. Причина за острата реторика на Вучиќ беше почетокот на процедурата за прием на Косово во Советот на Европа, ден по изборите на северот на Косово.

Двете страни главно се расправаат за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО), на чија неопходност изминативе денови укажаа и претставници на водечките западни земји.

ЗСО е клучот за имплементација на Договорот, бидејќи Белград тврди дека нема да спроведе ништо договорено во Охрид пред Приштина да започне со формирањето на Заедницата.

Видете и ова: Лајчак - Средбата во Брисел меѓу Вучиќ и Курти е исклучително важна

Исто така, формирањето на ЗСО е еден од двата услова Србите од северот на Косово да се вратат во косовските институции, кои ги напуштија во ноември. Друг услов е повлекување на косовските специјалци од северот на Косово.

Дополнителен проблем е тоа што на локалните избори на 23 април беа избрани Албанци за градоначалници на четири општини, а за функционирање на ЗСО е неопходно учеството на српската заедница во локалната власт.

Претставниците на ЕУ и САД, запознаени со процесот на дијалог, очекуваат опиплив напредок на денешната средба меѓу Вучиќ и Курти, додека европските аналитичари изнесуваат различни ставови за ова прашање. Лајчак вчера рече дека средбата ќе биде „особено важна“.