Координаторите на пратеничките групи утре во кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери ќе разговараат за Договорот со Бехтел и Енка. Според собраниската најава една од целите на средбата е да се направи договор за тоа како и на која собраниска комисија би бил презентиран Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на делови од коридорите 8 и 10д пред пратеници со безбедносен сертификат.
Видете и ова: Амасада на САД: „Бехтел“ не е ентитет на американската влада
Џафери на брифингот со новинари во четвртокот најави дека е можен договор на оваа координативна средба, ако се согласат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј координатор Никола Мицевски кој не присуствува на средбите.
Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела изјави дека прифатил Договорот да биде презентиран од владини претставници пред пратеници со безбедносен сертификат и дека согласноста е испратена во Собранието.
Пратеникот Антонио Милошоски во име на неколкумина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со безбедносни сертификати изјави дека тие по Устав и по закон имаат право на пристап до секој документ со назнака „државна тајна“.
Владата тврди дека Договорот не може да биде достапен за јавноста, затоа што во себе содржи информации и клаузули поради кој не може да се објави, затоа што се однесуваат технологии кои договорената страна ќе ги користи при изведбата, што за секоја фирма е деловна тајна.
Објаснувањето на првиот вицепремиер и координатор на проектот Артан Груби беше дека никаде во светот каде што Бехтел и Енка склучувале договори не биле јавно објавени.
Овој проект од самиот почеток го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Но и покрај сомнежите , Владата и Бехтел и Енка го потпишаa договорот.