Папата ја повика Унгарија да ги отвори вратите за мигрантите

Папата Франциск ги повика Унгарците да ги отворат вратите за мигрантите и сиромашните луѓе при крајот на неговата викенд посета на Унгарија во која доминираше неговата загриженост за маките на мигрантите и војната во Украина.

„Колку е тажно и болно да се видат затворени врати“, рече Франциск на 30 април додека ја славеше мисата на плоштадот во Будимпешта.

Папата во својот говор зборуваше за „затворените врати на себичноста во однос на другите, за затворените врати на индивидуалзмот среде општество на растечка изолација, за затворените врати на рамнодушноста кон непривилегираните и оние кои страдаат кон мигрантите или сиромашните“.

Видете и ова: Папата повика на мир во Украина и на Блискиот Исток

Тој им се обрати на десетици илјади верници собрани на плоштадот и низ околните улици.

„Ве прашувам, да ги отвориме портите! Да се обидеме да бидеме порти кои не се удираат пред никого, низ кои секој може да влезе,“ вели папата во својот говор.

Франциск претходно изрази благодарност за тоа што Унгарија дозволува влез на дел од украинските бегалци, но исто така ја оспори антиимиграциска политика на премиерот Виктор Орбан.

Орбан, кој присуствуваше на мисата, имаше несогласувања со европските лидери околу тие политики и околу одбивањето на неговата влада да испрати оружје во Украина.

86-годишниот Папа се заложи за крај на војната, изразувајќи солидарност со Украинците, додека ја држи отворена вратата за дијалог со Москва.

Тој пристигна во Будимпешта на 28 април, упатувајќи повик за враќање на „европскиот дух“ што го замислија основачите на модерна Европа по Втората светска војна и ги повика нациите „да гледаат подалеку од националните граници“.

Тој на 29 април се сретна со пратеникот на патријархот Кирил, поглавар на Руската православна црква, кој цврсто ја поддржува инвазијата на Москва.

Папата Франциск имаше, како што соопшти Ватикан, „срдечна“ 20-минутна средба со митрополитот Иларион во амбасадата на Ватикан во Будимпешта. Во знак на почит кон Руската православна црква, тој го бакна крстот на митрополитот Иларион, соопшти Ватикан.

Конфликтот во соседна Украина е тема што се провлекува низ оваа посета на поглаварот на Римокатоличката црква на Унгарија, втора во последните две години.