Турските сили го убиле осомничениот лидер на групата Исламска држава (ИД) во Сирија, објави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пишува Би-би-си.
Според западни и ирачки разузнавачки служби, Абу ал Хасан ал Хашеми ал Кураши бил брат на поранешниот лидер на организацијата Ал Багдади, убиен во Сирија во 2019 година.
Ердоган за ТВ ТРТ Турк изјави дека водачот на ИД бил „неутрализиран“ во операција на турската разузнавачка агенција МИТ во саботата. ИД засега не ја коментира операцијата.
Би-Би-Си не можеше независно да го потврди тврдењето на претседателот Ердоган. Разузнавачката агенција МИТ го следела Кураши „долго време“, рече Ердоган.
„Ќе ја продолжиме нашата борба против терористичките организации без никаква дискриминација“, додаде тој, без да наведе детали.
Сириски извори, цитирани од Ројтерс, соопштија дека операцијата се случила во северниот град Џандарис, во близина на турската граница.
Во ноември минатата година џихадистичката група ја објави смртта на нејзиниот водач Абу ал Хасан ал Хашеми ал Кураши.
Соединетите Држави соопштија дека тој бил убиен во операција на бунтовничката Слободна сириска армија во југозападна Сирија во средината на октомври 2022 година.
Се проценува дека има околу 6.000 до 10.000 борци во Сирија и Ирак, кои главно се сместени во руралните области и продолжуваат да вршат напади, заседи и бомбашки напади покрај патишта.
Регионалните филијали на ИД претставуваат закана и во други конфликтни зони низ светот. ОН соопштија дека најмоќните мрежи се лоцирани во Авганистан, Сомалија и во басенот на езерото Чад.