„Работниците се државата“ и „За правда за еднаквост“ . Со овие пароли двата најголеми синдикати најавија дека ќе одржат два одделни протести за да го одбележат меѓународниот ден на трудот 1-ви Мај. Тие бараат зголемени и достоинствени плати за работниците, пристојно работно време и почитување на колективните договори.
Под мотото „Работниците се државата“, Сојузот на синдикати на Македонија ќе го почне протестот точно напладне пред зградата на ССМ, а ќе го заврши пред Владата, а Конфедерацијата на слободни синдикати под мотото „За правда, за еднаквост“ ќе протестира два часа порано со крајна дестинација пред Владата.
За синдикатите е неприфатливо платите на работниците да не бидат зголемени кога се овозможува зголемување на платите на функционерите по одлуката на Уставниот суд.
„Сметаме дека покачувањето на функционерските плати за 78 проценти или по 2.000 денари дневно, воведувањето на 12 часовен работен ден за голем број работници, тоа што ги излажаа вработените во здравството и што не им ги зголемија платите, тоа што не го склучија Општиот колективен договор за јавен сектор со кој секој вработен ќе има право на К-15, се доволен мотив и повеќе од причина да се излезе на протест на улица и да се изрази незадоволството“, велат од ССМ.
Видете и ова: Груби поддржува укинување на недела неработен денПротестите, најавуваат, дека ќе продолжат со засилено темпо и по 1 Мај.
Првомајските протести годинава ќе поминат и против најавите за 60-часовна работна недела како дел од пакетот закони кои се во собраниска процедура, а се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д.
Синдикатите бараат повлекување на предлог законски одредби затоа што сметаат дека со нив се погазува основното право за пристојно работно време за кое се изборија работниците со штрајкот организиран во Чикаго во 1886 година.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во петокот изјави дека законските измени не предвидуваат 60-часовна работна недела, туку прекувремена работа која ќе биде платена за секој одминат час.
Први мај како Меѓународен ден на трудот е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Се одбележува секоја година во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден. Во земјава, 1-ви Мај е државен празник.