Осумгодишно дете - жртва на силување од малолетници

илустрација

Само 8 години било старо детето кое било силувано од двајца други малолетници, јави телевизија Телма од извори во истрагата за ова злосторство. Силувачите имале 10 и 13 години, а грозоморниот чин го снимале со мобилен телефон. Потоа видео-снимката ја праќале на своите познаници, но не го објавиле на социјалните мрежи.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека со малолентиците бил извршен информативен разговор во полициската станица, во присуство на нивните родители. Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски денеска во изјава за Телма вели дека случајот е веќе документиран, поднесена е соодветна пријава и оти целиот случај сега е во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје и Центарот за социјални работи.

Видете и ова: Малолетно девојче во Велес тепало врсничка, други деца го снимале настанот

„Преземени се соодветни мерки и активности и веднаш во полициската станица извршен е службен разговор со малолетниците, но и со родителите затоа што станува збор за малолетници кои се под 14 години. Случајот е документиран и поднесен е соодветен поднесок до обвинителство. Отсега случајот е во надлежност на Основното јавно обвинителство и Центарот за социјални работи“, изјави Ангеловски.

И од ОЈО Скопје потвриле дека се известени за случајот, но бидејќи станува збор за деца помлади од 14 против нив не може да биде поведена постапка за кривична одговорност и за случајот ќе постапува Центарот за социјални работи.