Претседателот на Чешката Република Петр Павел по враќањето од дводневната посета на Украина изјави дека тие во Киев многу добро знаат дека нема да добијат покана од НАТО на самитот во Вилнус во јули, ниту датум за влез во НАТО, ниту пак можат да сметаат на колективна одбрана со западните воени сојузници.
„Украинците очекуваат во Вилнус изјава за поддршка од сојузниците и нешто во форма на безбедносни гаранции. Нацрт документот за безбедносна гаранција е подготвен, го разгледуваат западните сојузници. Гаранциите нема да имаат форма на член V од Договорот за НАТО, но можеме да ги погледнеме, на пример, гаранциите дадени на Финска во периодот пред да стане полноправна членка на НАТО“, изјави чешкиот претседател.
Видете и ова: Столтенберг - Украина ќе влезе во НАТО на „долгорочен план“Павел истакна дека ниту украинскиот претседател Володимир Зеленски, ниту другите високи украински функционери не се наивни и дека многу добро знаат дека на летниот самит на НАТО нема да има одлука за прием, ниту конкретни датуми, ниту патокази.
„Општото ветување беше дадено на самитот во Букурешт“, потсети чешкиот претседател и додаде дека Чешка ќе го поддржи почетокот на преговорите на Украина со Европската унија оваа година, а еден ден, веројатно и влезот на земјата во НАТО.
Претседателот Павел, поранешен шеф на Воениот комитет на НАТО, постојано предупредуваше дека Украина не може да се приклучи на НАТО додека трае војната, но и додека не го врати својот суверенитет, бидејќи не контролира дел од својата територија.
„На Украина сега и е потребна муниција за успешна одбрана. Има доволно тешка опрема, но критичниот недостаток на муниција ја спречува да се одбрани и да започне успешна контраофанзива. Ако сакаат да ги вратат териториите, нема друг начин освен контраофанзива, а за тоа е потребна муниција“, рече Павел.
Чешкиот претседател во Киев вети дека Чешка и Словачка ќе се обидат да ги прошират своите производствени капацитети за да можат да и помогнат на Украина со муниција, а исто така официјална Прага веќе бара кои други земји во светот имаат залихи и начин таа муниција итно да се испрати во Украина.