Повторно протести во Израел против реформите во судството

илустрација

Повеќе од 160 000 луѓе синоќа повторно излегоа на улиците на Тел Авив во знак на протест против контроверзните судски реформи на израелската десничарска верска влада, јави ДПА. Според медиумите, протести имало и во други израелски градови. Државата е потресена од масовни протести околу четири месеци откако владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху ги објави контроверзните планови за реформи.

Критичарите велат дека со реформите во судството, владата се обидува да го ограничи влијанието на Врховниот суд на земјата и да ја прошири својата моќ.

Меѓу другото, владата ќе добие повеќе овластувања за именување судии, а Парламентот ќе може да ги поништи одлуките на Врховниот суд со просто мнозинство.

Видете и ова: Бајден го повика Нетанјаху да се откаже од судската реформа

По широкото противење од граѓанското општество, како и од редовите на владата и војската, на крајот на март Нетанјаху го одложи разгледувањето на законот за неколку недели за да се овозможи „простор за дијалог“.

Сепак, опозицијата е скептична дека власта ќе постигне компромис. Досега е постигнат мал напредок во преговорите.Сепак, според пишувањата на медиумите, владата сака да го донесе буџетот за оваа и следната година пред да преземе дополнителни чекори за слабеење на судството. Доколку тоа не се постигне до 29 мај, ќе треба да се распишат нови избори.