Евгениј Пригожин, основачот на руската паравоена група Вагнер, се закани дека ќе ги повлече своите војници од украинскиот град Бахмут доколку не се решат проблемите со муницијата.
Во интервјуто објавено на 29 април, Пригожин рече дека ќе биде „принуден да повлече некои единици“ од Бахмут доколку Вагнер наскоро не добие повеќе муниција, продолжувајќи го апелот што го упатуваше со недели.
Бахмут, клучен транспортен центар во регионот на Доњецк, беше сцена на некои од најжестоките борби во војната во последните неколку месеци, при што двете страни претрпеа големи загуби.
Вагнер ја предводеше руската офанзива за заземање на Бахмут од минатата година, но не успеа да ги неутрализира украинските борци, кои сè уште ги држат западните делови на градот.
Видете и ова: Уапсен поранешен член на руската група Вагнер откако јавно прозборе за наводни злосторстваПригожин предупреди дека повлекувањето на Вагнер од Бахмут ќе доведе до руски пораз долж другите делови на фронтот долг 1 000 километри.
Како што рече Пригожин, руските сили продолжија да ја притискаат линијата на фронтот Бахмут-Адвијевка-Маринка, изведувајќи 48 неуспешни напади врз украинските позиции, објави украинскиот Генералштаб на 29 април.
Русија го држи Бахмут под опсада од минатото лето.
Во меѓувреме, Зеленски ги повика сојузниците и партнерите на Украина да и обезбедат подобра противвоздушна одбрана на Украина, откако најмалку 25 лица, вклучително и неколку деца, беа убиени во бранот руски напади врз украинските градови, вклучувајќи го и главниот град Киев, рано на 28 април.